четврток, септември 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Државата платила 64 милиони евра за работни спорови, бројот на предмети тројно...

Државата платила 64 милиони евра за работни спорови, бројот на предмети тројно зголемен

0

Државата нема воспоставено ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, што резултира со континуиран раст на бројот на предметите и со значителни финансиски обврски за буџетот, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Според ревизијата на успешноста на тема „Ефектите на судските постапки од работен спор врз буџетот на државата“, бројот на предметите во работа се зголемил од 9.361 во 2021 година на 24.556 предмети во 2025 година.

Ревизијата имала цел да оцени дали воспоставиле надлежните институции ефикасни механизми и системи за управување со работните спорови и дали преземаат соодветни мерки за намалување на своите финансиски импликации врз државниот буџет.

За да се утврди колку средства се исплаќаат по основ на судски постапки од работни спорови, ДЗР побарал податоци од институциите застапувани од Државното правобранителство на Република Северна Македонија. Од 85 институции до кои било доставено барање, податоци доставиле 69, од кои 12 известиле дека во анализираниот период немале исплати по овој основ.

Анализата покажала дека во периодот од 2020 до 2025 година биле исплатени вкупно 3,97 милијарди денари, односно околу 64,4 милиони евра, по основ на судски постапки од работни спорови.

Дури 95,36 отсто од средствата биле исплатени преку налози за извршување, додека 4,64 отсто биле доброволно исплатени.

Од вкупната сума, главниот долг изнесувал 2,05 милијарди денари, односно околу 33,2 милиони евра или 51,61 отсто. Останатите 1,92 милијарди денари, односно околу 31,1 милион евра или 48,39 отсто, се однесуваат на камати, трошоци на парничната постапка и на извршни трошоци.

Ревизијата утврдила дека се поврзани ваквите финансиски импликации и со слабости во системот за управување со работните спорови.

Постојната законска и подзаконска регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем. Утврдените недоречености и неусогласеноста овозможуваат различни толкувања и нееднаква примена на прописите, а не постојат ниту системски механизми за анализа на причините поради кои се поведуваат работни спорови и за иницирање соодветни измени на законската рамка.

Во најголем дел од институциите не е воспоставен системски пристап за следење и анализа на причините за поведување на споровите и нивниот исход, додека примената на алтернативните начини за решавање на споровите е ограничена.

Дополнително, Државното правобранителство претежно има реактивна улога, насочена кон застапување во судските постапки, без доволно развиена превентивна и советодавна функција.

ДЗР утврдил и слабости во евидентирањето на предметите и извршувањето на плаќањата. Постојниот начин не обезбедува доволно аналитички и структурирани податоци за целосно следење на вкупните обврски и нивната структура, со што е ограничена можноста за ефикасно управување со финансиските ризици.

Во извештајот, ДЗР дава препораки за воспоставување ефикасен систем за управување со работните спорови, подобрување на законската рамка, унапредување на евиденцијата и аналитичкото следење на предметите, како и зајакнување на механизмите за управување со финансиските импликации врз државниот буџет.

ИЗДВОЕНИ