„Есента на животот“ е нов роман од германскиот писател Бернхард Шлинк, кој излезе од печат неодамна, во издание на „Или-или“. Преводот од германски на македонски јазик е на Ксенија Чочкова, а излегувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам.
-Во „Есента на животот“, 76-годишниот Мартин се соочува со немилосрдна дијагноза: му остануваат само неколку месеци од животот. Негова најголема грижа не е самиот крај, туку оние што ги остава зад себе – младата сопруга и малиот син. Во обид да пренесе нешто што ќе трае подолго од неговото присуство, тој започнува да пишува писмо – водич низ животот, исполнет со размисли за љубовта, верата, потеклото и за смислата. Но, додека се обидува „сè да направи како што треба“, животот и понатаму го изненадува со нови предизвици и вистини што не може да ги избегне. Со својот препознатлив јасен и длабоко човечки стил, Шлинк создава трогателна и мудра приказна за проштавањето, семејството и за уметноста да се живее дури и кога истекува времето, посочува издавачот. Романот е уште едно ремек-дело од мајсторот на пишаниот збор и одличен проникнувач во скриените одаи на човековата психологија.
Бернхард Шлинк (1944 г. Билефелд, Германија) е правник, професор и еден од најзначајните писатели од поновата германска литература. Тој ја започна својата писателска кариера со крими-романи, за кои има добиено повеќе награди. За својот прв роман со некриминална тематика, „Читачот“, кој е преведен на повеќе од 50 јазици, доби бројни награди и признанија. Потоа ги објави романите „Враќање дома“, „Викенд“, „Жената на скалите“, „Олга“, „Внука“, како и збирките раскази „Бегства од љубовта“, „Летни лаги“ и „Боите на разделбата“. „Есента на животот“ е негов најнов роман.












