Лабораториските анализи што ги обезбеди Основното јавно обвинителство Гостивар покажале дека во водоснабдителниот систем навлегла вода загадена со колиформни бактерии, по што е отворена истрага против директорката на ЈП „Комуналец“ и двајца нејзини соработници.
Според наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените дале налог да бидат поставени три потопни пумпи преку кои вода од отворен канал се пренесувала во системот за водоснабдување, со што водата за пиење станала небезбедна за употреба.
Обвинителството наведува дека анализите на Институтот за јавно здравје потврдиле висока концентрација на колиформни бактерии во примероците, поради што се сомничи дека е сторено кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата“ во врска со „Загадување на вода за пиење“.
-Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата.
На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем.
Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување.
По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје изврши анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал при што е констатирано дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето.
Дополнително анализиран е примерок земен од чешма на Ул. ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л., соопштија од ОЈО Гостивар
Истрагата продолжува, а во текот на утрешниот ден обвинителот ќе одлучи какви мерки ќе побара за обезбедување на осомничените.(П.А.)












