вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАЈДОБРИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ ШТО ОДНОВО ДОНЕСОА ГРСТ МЕДАЛИ ОД ПРЕСТИЖНИТЕ НАТПРЕВАРИ, ПРЕД ДИЛЕМИ:...

НАЈДОБРИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ ШТО ОДНОВО ДОНЕСОА ГРСТ МЕДАЛИ ОД ПРЕСТИЖНИТЕ НАТПРЕВАРИ, ПРЕД ДИЛЕМИ: Странските универзитети во трка за најталентираните ученици, Македонија мора да најде начин да им покаже колку смета на нив

Сè повеќе најдобри ученици што освоиле медали на престижните меѓународни олимпијади добиваат понуди за школување на универзитетите во странство, кои се прифаќаат, што го отвора прашањето што треба да прави нашата држава за да не се збогуваат тие засекогаш со неа. – Тие ученици треба уште како средношколци да почувствуваат дека државата не ги гледа само како освојувачи на медали туку и како идни научници, инженери, истражувачи и носители на развојот на Македонија – вели Анита Атанасовска-Грчева од Здружението „Бистри умови“, кое ги поддржува талентираните ученици

374

Нов грст медали изминатиов викенд донесоа најталентираните македонски средношколци од врвните светски натпревари. Петте вредни медали од две светски олимпијади, како и повеќе пофалници добиени во голема и врвна конкуренција, се ново признание за нивниот талент, кој одново излезе на виделина. Младиот средношколец Дамјан Давков освои златен, а Ивано Божиновски, Андреј Тасиќ и Леонид Тодороски бронзен медал на Светската математичка олимпијада одржана во Кина. Тоа е само продолжение да успесите на дел од овие ученици, кои освоија одличја и на Европската и на Балканската олимпијада по математика, одржани во текот на годинава. Теона Ана Георгиевска, пак, се врати со бронза од Светската олимпијада по хемија, а нејзините врсници – со повеќе пофалници. Деновиве, талентираниот Владимир Грчев, освојувач на повеќе медали на престижните натпревари по информатика, престојува во Германија, каде што во водечката европска софтверска компанија, „Џет брејнс“, и во светскиот технолошки гигант NVIDIA ќе го подготвуваат врвни програмери и професори за Светската олимпијада по информатика (IOI), најпрестижното светско натпреварување. Тоа ветува дека наскоро може да се очекуваат вести за нови успеси на нашите најголеми таленти, меѓу кои мора да се споменат имињата на медалистите Марио Ванчевски, Никола Стојковски, Јан Стојановски, Емилија Николовска, Марко Крнков…

Најталентираните ученици, очигледно, и натаму го прават она по што ѝ станаа познати на македонската јавност во изминативе години: го покажуваат своето знаење и добиваат признанија за тоа. Но, истите тие средношколци за година-две ќе се најдат на животниот крстопат, пред дилемата дали да го продолжат своето високо образование во Македонија или на некој од престижните странски универзитети. Односно дали заминувањето во странство ќе значи и трајно збогување со татковината. И токму ваквите најталентирани ученици во изминативе години станаа предмет на бројни понуди за школување, кои им ги упатуваат познатите светски универзитети. Иван Занов, студент на ФИНКИ кој сега ги подготвува талентираните ученици за меѓународните натпревари по информатика, ни вели дека најдобрите ученици веќе добиваат бројни понуди.

– Во овој период знам за повеќе примери во кои странските универзитети од Франција, од Британија им понудиле бесплатно школување на нашите талентирани ученици, кои тие ги прифатиле. Редовно се даваат такви понуди на ученици што освоиле медали на светските олимпијади. Тоа е очекувано и сега треба да се очекува нивно заминување, школување, кое, сигурно, ќе го завршат со добар успех, по што ќе добијат понуда за работа, за регулирање на престојот. Дали може да се очекува во таква ситуација нивно враќање во Македонија? Тешко – наведува Занов, кој е освојувач на повеќе медали на меѓународните натпревари по информатика и кој реши да остане да студира во Македонија.

Ваквите ситуации, кои се повторуваат секоја година и во кои најдобрите ученици „добиваат понуди што не може да се одбијат“, го отвораат прашањето што треба да прави нашата држава за да не се збогуваат најталентираните ученици засекогаш со својата татковина. Според Занов, основно е државата да им даде предизвик по студиите да останат тука.

– Но, главното прашање е дали постои предизвик најталентираните ученици да останат тука ако знаеме дека максимумот тука е професорски ангажман на ПМФ или на некој друг факултет, и толку. Едноставно, во земјава немате многу такви сектори каде што би можеле талентираните ученици да ја гледаат својата иднина. За таквите таленти нема предизвик за работа каков што би им одговарал, каков што се наоѓа во странство. Основно е државата да им го даде предизвикот да останат тука. Почетен чекор тука е да се подобри квалитетот на нашето вкупно образование – вели Занов во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Анита Атанасова-Грчев од Здружението „Бистри умови“, кое ги поддржува талентираните ученици, и мајка на талентираниот ученик и освојувач на повеќе меѓународни медали, Владимир Грчев, ни вели дека не треба да чека државата овие најталентирани ученици да завршат факултет за првпат да им понуди можност да придонесат.

– Вистинските таленти треба да бидат препознаени и активно вклучени уште во средното образование. Би било одлично да се формира национален совет за млади таленти и олимпијци, составен од ученици што постигнале врвни резултати на официјални државни, европски и светски олимпијади по математика, информатика, физика, хемија и други научни дисциплини. Во него треба да се влегува исклучиво врз основа на јасно утврдени критериуми и реални достигнувања. Овој совет не треба да биде само формално тело. На младите треба да им се даде можност да предлагаат конкретни идеи и решенија за унапредување на образованието, науката, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој на државата. Нивните предлози треба да бидат разгледувани од институциите, а најдобрите идеи да добијат можност да се реализираат – наведува Атанасова-Грчева во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Според неа, на тој начин овие млади луѓе уште како средношколци ќе почувствуваат дека државата не ги гледа само како освојувачи на медали.

– Ќе почувствуваат дека државата ги гледа како идни научници, инженери, истражувачи и носители на развојот на Македонија. Ќе почувствуваат дека е важно нивното мислење, дека нивното знаење може да промени нешто и дека државата има доверба во нив. Не е реално да очекуваме сите да студираат во Македонија. Напротив, многумина ќе заминат на најдобрите светски универзитети, и тоа треба да биде наша гордост. Но, целта е, без разлика каде ќе студираат, да изградат чувство дека Македонија е нивниот дом и дека може да се вратат тука, да создаваат и да придонесуваат – потенцира таа, додавајќи дека е потребно и основање на современи истражувачки центри, поврзување на науката и индустријата, отворање развојни центри на светските компании…

И другите родители на најталентираните ученици ни изјавија дека државата мора да им посвети особено внимание на ваквите ученици.

– Неприфатливо е често да ни се случува нашите деца да ги освојуваат највредните медали, а потоа, по правило и со ретки примери, нивните успеси не наидуваат на почитување од државните функционери. Таквиот однос доволно кажува –велат родителите. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ