Турција не покажува „небрежност или двоумење во обезбедувањето на нашите граници и воздушен простор“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во четвртокот, во услови на конфликт на Блискиот Исток.
Зборувајќи на настан во Анкара, Ердоган рече дека „во време кога борбата на Турција за мир во регионот е кристално јасна од првиот ден, никој не треба да заземе погрешен став што ги поткопува принципите на соседство и братство“, објави Анадолија.
Нагласувајќи ги дипломатските напори на Турција во врска со кризата во регионот, тој рече дека „ќе продолжиме со нашата мултидимензионална дипломатија со цел да спречиме понатамошно крвопролевање во нашиот регион и да обезбедиме дека нема повеќе да бидат одземени животите на невини луѓе.
Во врска со инцидентот од среда кога одбранбените единици на НАТО пресретнаа муниција испукана од Иран во турскиот воздушен простор, Ердоган рече дека Анкара ја покажала својата „чувствителност“ и издала „неопходни предупредувања“ за да спречи повторно да се случи сличен инцидент.
„Доколку се појави закана за безбедноста на нашата земја, ќе преземеме сите потребни мерки со најголема грижа во координација со нашите сојузници“, додаде турскиот претседател.
Тензиите се зголемија на Блискиот Исток откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран почнувајќи од 28 февруари, при што загинаа повеќе од 900 луѓе, вклучувајќи го и врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи и повеќе од 165 девојчиња од основно училиште, според иранските власти.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел и локации поврзани со САД во Персискиот Залив, прекинувајќи ги енергетските патишта.












