четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА Енергија, мисла, дух и душа до Еквадор и назад! Колегите и пријателите...

Енергија, мисла, дух и душа до Еквадор и назад! Колегите и пријателите се простуваат од Кили

3725

На 58-годишна возраст, во Еквадор, почина театарскиот, филмски и телевизиски актер, Кирил Поп Христов, познат како Кили, долгогодишен член на ансамблот на Македонскиот народен театар. Поп Христов (1967 – 2026) се пресели во Еквадор во 2014 година, и иако често доаѓаше во Скопје, последната година и пол ја поминал во оваа јужноамериканска земја.

Информацијата ја соопшти неговото семејство. „Кили ќе биде погребан во Еквадор. Ќе почива во Мангларалто, покрај океанот“ – објави на социјалните мрежи неговата сопруга, Гордана Деан Поп Христова.

Според неговата сопруга, Кили починал мирно, во сон, од инфаркт. Гордана и Кили, заедно со нивната ќерка Јоана, се преселија во Еквадор пред 12 години.

– Со својата долгогодишна работа на сцената на Македонскиот народен театар и со бројните улоги во театарот, филмот и телевизијата, Кирил Поп Христов остави значаен белег во македонската култура. Македонскиот народен театар сочувствува со болката на семејството, пријателите и колегите. Вечна му слава!, напишаа од МНТ.

На социјалните мрежи, неговите пријатели и колеги, меѓу кои Драган Спасов-Дац, Весна Петрушевска, Јохан Елзесер, Божидар Божиновски емотивно се збогуваат со него.

„Кили… Комшија, актерска и музичка големина. Шегаџија и „заебант“ прва класа. Енергија, мисла, дух и душа до Еквадор и назад! Капиштечка и „Килиштечка” легенда! Ќе фали и нема да има втор“, напиша Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс.

Ранко Петровиќ, пак, напиша: „Почивај во мир, драго мое другарче – будалче. Поминавме многу златни бубамари, радиоемисии, проби… Сè течеше лесно и многу забавно, беше вистински принц на уметноста и крал на својата професија. За секоја радиоемисија или настап на „Златна бубамара“ ќе се сеќаваме со радост, ќе те памтиме како другар кој го ширеше добриот дух во градот. За сите што те познававме, ќе ни остане спомен дека сме имале можност да се дружиме со уникатен, шармантен и многу добар човек.“

Мето Јовановски и Кирил Поп Христов во „Тетовирање“

– Кили, друже мој од старо маало кај парк, каде одлета прерано кон синото небо во твојата втора татковина. Помина низ премрежиња на тешката болест – канцер, беше уверен дека алтернативната медицина и далечната земја ќе ти помогнат во лечењето, и беше во право. Неверојатен во „Тетовирање“, одличен во музиката, мултиталент. Еден и единствен, роден бунтовник, друже мој. Ќе завршам во твој стил – Ма немој да ме ј..беш бре! – упатен кон сите конформисти, опортунисти, малограѓани и простаци. Лејдис енд џентлмен, ви го претставувам новиот претендент за вечноста, Кили Поп Христов, еден и единствен. Со овие зборови, од него се збогува Ана Глигорова.

Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 во Скопје, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во 1989 година на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 година, работи во МНТ, а во 2018 повторно се враќа на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл.

Во текот на богатата театарска кариера оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ. Помеѓу нив се: Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“ (2011), Антинор во „Троил и Кресида“ (2010), Пејач во „Мара/Сад“ (2008), Мик во „Домар“ (2004), Крсто во „Ослободување на Скопје“ (2002), Џиги во „Павилјони“ (1999), Џокер Мори Шербијак во „Бетмен – враќањето на црниот витез“ (1999), Осман бег во „МКС“ (1995), Микољка во „Злосторство и казна“ (1994), Стево во „Бунт во домот за старци“ (1994), Срета во „Народен пратеник“ (1993), Јохансон во „Соната на сеништата“ (1992), Александар Македонски во „Крик“ (1991), Ѓурко во „Зора на истокот“ (1991), Принцот Едвард во „Ричард Трети“ (1990), Петар во „Гнев Божји“ (1990), Илија во „Антица“ (1988), Еди во „Луди за љубов“ (1988), Мишка во „Ревизор“ (1987), Пијанистот во „Баал“ (1987), како и улогите во „Ревизор“ (2006), „Буре барут“ (1994) и „Рави“ (1989).

„Панкот не е мртов“

Покрај улогите на театарската сцена, Поп Христов оствари значајна кариера и на филм и на телевизија. Се вбројуваат улогите во филмовите „Еј“ (2018), „Скопје Ремиксд“ (2012), „Панкот не е мртов“ (2011), „Самитот на шаманите“ (2006), „Бал-кан-кан“ (2005), „Збогум на дваесеттиот век“ (1998), „Преку езерото“ (1997), „Нечиста крв“ (1996), „Македонска сага“ (1993), „Тетовирање“ (1991), како и телевизиските филмови „Марика лета со авион“ (1988) и „Пикасо“ (1987). Учествуваше и во повеќе телевизиски серии, помеѓу кои: „Досие Скопје“ (2000), „Во светот на бајките – Трите светски камења“ (1995), „Македонски приказни – Христос и комарџијата“ (1992), „Трст виа Скопје“ (1990) и „Бумбари“ (1989). Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на филмот „Судијата“ (2002), чиј автор и режисер е Жанета Вангели.

ИЗДВОЕНИ