
Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно се збуни. Прво рече дека е завршена војната во Иран, а потоа дека е „речиси готова, зашто таму веќе нема што да се напаѓа“. Истовремено, иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, постави три јасни услови за крај на војната, а еден од нив е да им се исплатат репарации.
– Единствениот начин да се заврши оваа војна, која ја почнаа ционистичкиот режим и САД, е да се признаат легитимните права на Иран, да се исплатат репарации и да се обезбедат цврсти меѓународни гаранции против каква било идна агресија – напиша Пезешкијан на платформата „Икс“.
Додека траат дилемите околу крајот на војната, Си-ен-ен направи три сценарија како би можела да заврши. Според првото, 60 проценти изводливо, Иран би останал без своите воени капацитети, но власта не би се променила, меѓународната заедница би продолжила да врши притисок Техеран да се откаже од производството на нуклеарно оружје и на балистички ракети, додека САД и Израел би ја надгледувале ситуацијата и би можеле да ги обноват воените дејства ако се обнови производството на нуклеарно оружје. Според второто сценарио на Си-ен-ен, кое се смета за најлошо и 30 проценти изводливо, под притисок на цените на енергенсите што растат, Вашингтон би се откажал од операциите пред да ги оствари воените цели. Во тој случај, Иран би можел релативно брзо да си ги обнови воените капацитети, а политичкото раководство би станало уште порешително и порадикално, додека земјите од Блискиот Исток би останале под постојана закана од иранските ракети и дронови. Најоптимистичкото сценарио, 10 проценти остварливо, е да се ослаби власта во Техеран и да се поттикнат големи народни протести со барање за промена на власта. Според Си-ен-ен, трите сценарија не се исклучуваат едно со друго.
– Долгорочно гледано, можно е и постепено слабеење на Исламската Република, но тоа е процес што би можел да трае со години – пишува Си-ен-ен.
„Њујорк тајмс“, пак, пишува дека кога решил да почне војна, Трамп ги потценил Иранците.
– Вашингтон не очекуваше дека нападот врз Иран ќе доведе до сериозно зголемување на цените на нафтата и на гасот на светските пазари – пишува весникот, повикувајќи се на разговори со 12-мина функционери на американската администрација.
Некои од нив се отворено песимисти во врска со недостигот на јасна стратегија за завршување на војната. Исто така, „Њујорк тајмс“ наведува дека Белата куќа ги потценила обемот и директноста на иранската реакција.
И „Гардијан“ сугерира дека САД направиле превид кога ја почнале војната.
– Се чини дека Белата куќа не ги предвидела, инаку, лесно предвидливите економски последици од војната на Блискиот Исток: вртоглаво зголемување на цените на нафтата, пад на берзите и нарушени синџири на снабдување што ја хранат инфлацијата и го задушуваат растот – наведува британскиот весник.
Според „Њујорк тајмс“, помошниците го предупредиле Трамп дека ризикуваат зголемување на цените на нафтата ако го нападнат Иран, но тој ги минимизирал нивните укажувања како краткорочна загриженост што не треба да ја засени мисијата за уништување на иранскиот режим. Трамп им наредил на министерот за енергетика, Рајт, и на министерот за финансии, Скот Бесент, да работат на развивање опции во случај на скок на цените.











