Вест број еден во сите медиуми е војната во Иран и регионот, како и енергетската криза која се рашири во целиот свет. Како последица на тоа, се очекува и настанување на глобална економска криза бидејќи недостигот и високите цени на енергијата влијаат на сите сектори, вклучувајќи ја и храната како основа за живот на населението. Крајот на воениот судир не се гледа, а тоа создава неизвесност во следниот период во сите сфери на животот денес.

Енергетската криза е предизвикана заради намаленото снабдување со нафта и течен природен гас од земјите од Персискиот Залив кон многу земји и тоа изнесува околу 20 % од вкупните потреби во светот. Главни корисници (увозници) на овие горива се земјите од Источна Азија: Кина, Индија, Јапонија, Ј. Кореја и други. Не ми е јасно зошто цените на нафтата и гасот пораснаа за 50 до 100 % во земјите од Европската Унија (ЕУ), па тие ги увезуваат овие горива од други земји, а од земјите од Заливот само околу 5 %.

Очигледно, нафтените компании во ЕУ ја злоупотребуваат сегашнава ситуација и се здобиваат со големи профити. Во мојата колумна од минатата недела е даден дијаграм од кој се гледа дека далеку најголем снабдувач на ЕУ со течен природен гас (во 2025 г.) се САД (60 %), па Русија (13 %), Алжир (8 %), а Катар само 6 %. Кај снабдувањето со нафта се следните проценти: од САД (17 %), Норвешка (15 %), Казахстан (13 %), Либија (8 %), Саудиска Арабија (6 %) и Русија (2%). Наводно, сите се повикуваат на светските берзи, но кај големите снабдувачи и потрошувачи постојат долгорочни договори за цените.

Нафтата и природниот гас се фосилни горива, така што при нивното согорување се ослободува јаглерод диоксид (СО2), кој е главен причинител на глобалното затоплување, односно на климатските промени. Се разбира, тука припаѓа и согорувањето на јагленот. Во енергетскиот сектор глобално се емитуваат околу 70 % од вкупните стакленички гасови во светот.

Светската метеоролошка организација потврди дека 2025 година беше една од трите најтопли години досега, продолжувајќи ја низата на вонредни високи глобални температури. Изминатите 11 години беа 11 најтопли досега. Многу често гледаме на вести за катастрофални временски појави: урагани, поплави, суши, топлински бранови со многу високи температури, шумски пожари итн. Материјалните штети изнесуваат многу милијарди долари, но има штети што не може да се проценат, а тоа се илјадници загубени човечки животи и неповратни промени во природата.

Во 1992 година е донесена Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC) во чии рамки секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т. н. Конференција на страните (СОР). Треба да се истакне Парискиот договор од СОР во 2015 година, со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 1,5°C до 2100 година.

Во борбата против климатските промени најнапредни се земјите од ЕУ (не сите) каде што е поставена цел да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 % до 2030 година (во споредба со 1990 година) и да постигне климатска неутралност до 2050 година. Клучните мерки се: примена на обновлива енергија од 42,5 % до 2030 година, систем за тргување со емисии (ETS) со цени на СО2 и построги стандарди за енергетските карактеристики во зградите. Од 1 јануари 2026 година се применува Механизмот за јаглеродно гранично приспособување (на англиски: Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) во трговијата со ЕУ. Во принцип, за производите што се увезуваат во ЕУ мора да има претходно платен јаглероден данок во земјата извозник. Ова се однесува и за РМ.

Војната во Иран ги покажа следниве работи:

– Богатите земји се потпираат на фосилни горива и можни се енергетски шокови. Но страдаат и посиромашните земји во Азија и Африка.

– Фосилните горива се транспортираат низ несигурни патишта, значи постои зависност што се менува.

– Војната во Иран дава јасна порака, а тоа е забрзување на преминот кон обновливи извори на енергија (ОИЕ).

– За разлика од поранешните енергетски кризи, денес инвестициите во обновливата енергија се поконкурентни (пониски) од оние кај фосилните горива.

– Некои земји во ЕУ, како на пример Германија, научија погрешна лекција. Донесоа стратегија за премин кон зелена енергија базирајќи се на евтиниот руски гас како транзиција. Сега забрзано градат терминали за течен гас увезен од САД кој е поскап од рускиот.

Појавата на енергетската криза има и друга голема последица, а тоа ослабување на борбата против климатските промени. Тука, пред сè, треба да се спомне претседателот на САД, Доналд Трамп, кој кога стапи на должност, уште првиот ден потпиша указ за повлекување на неговата земја од Парискиот договор за климатски промени, а потоа издаде наредби за промоција на производството на фосилни горива вклучувајќи и јаглен. За да ги намали царините за увоз на европски стоки од 50 на 15 %, ЕУ се обврзува да купува фосилни горива (нафта и гас) во вредност од 750 милијарди долари годишно. За мене лично ова е големо разочарување. ЕУ беше локомотивата во борбата против климатските промени, а реши да купува фосилни горива од САД во огромни количества. Доналд Трамп се закани дека САД ќе го откажат членството во Меѓународната агенција за енергија (IEA) ако во нивната работа употребуваат наратив против фосилните горива.

Се разбира дека ваквата енергетска политика им дава крилја на земјите богати со нафта и гас, како и на мултинационалните компании кои тргуваат со овие горива. Тоа значи дека борбата против климатските промени многу ќе ослаби, односно ќе настапи т. н. климатска криза. За да не се случи тоа, енергетската криза треба да биде мотив повеќе за премин кон зелена енергија.

 

(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје)

 

 

ИЗДВОЕНИ