петок, октомври 9, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Енергетска криза: Европа приморана да ја намали потрошувачката на гас

Енергетска криза: Европа приморана да ја намали потрошувачката на гас

0

Европската Унија (ЕУ) оваа зима можеби ќе биде приморана да ја намали потрошувачката на гас за седум проценти, предупредија денеска од Институтот за економија на енергетиката и финансиска анализа (IEEFA), наведувајќи дека залихите на гас се на најниско ниво за овој период од годината откако се води евиденција.

Војната со Иран ги одржува високите цени на гасот. Освен тоа, ЕУ усвои пропис со кој се предвидува целосна забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG) според долгорочните договори од 1 јануари 2027 година, додека забраната за увоз според краткорочните договори стапи на сила порано.

Резервите на гас во ЕУ во моментов се пониски отколку во кој било есенски период од 2011 година, што значи дека земјите од ЕУ за време на претстојната зима би можеле да потрошат 14 милијарди m³ помалку гас отколку минатата зима, наведува IEEFA, американска непрофитна организација која ги анализира енергетските пазари и се залага за премин кон почести извори на енергија.

Во извештајот на IEEFA е наведено дека складиштата за гас во ЕУ на 3 октомври биле исполнети околу 72,4 проценти и дека за време на зимата, од ноември до март, ќе можат да испорачаат околу 7,3 милијарди кубни метри помалку гас отколку минатата зима.

Во комбинација со целосната забрана за увоз на руски LNG од јануари 2027 година, тој недостиг во складиштата значи дека ЕУ би можела да биде приморана да користи седум проценти помалку гас отколку минатата зима.

– Тоа не значи дека складиштата за гас во Европската Унија ќе останат празни оваа зима – се истакнува во извештајот.

Меѓутоа, помалку пополнетите складишта поспоро ослободуваат гас, што би можело да доведе до недостиг во случај на студен бран при крајот на зимата. Освен тоа, исцрпените складишта би барале поголемо и поскапо надополнување следното лето.

IEEFA проценува дека надоместувањето на недостигот со дополнителен увоз, наместо со намалување на потрошувачката, би чинело околу три милијарди евра, односно 12 проценти повеќе отколку што истата количина би чинела минатата година, бидејќи војната помеѓу САД и Иран ги крена цените.

– Сè поголемото потпирање врз складирањето гас стана значаен финансиски товар за Европа – заклучија од Институтот.

Војната ги крева цените

Европскиот пазар на гас е под притисок од почетокот на војната со Иран на 28 февруари, која го наруши бродскиот сообраќај низ Ормушкиот Проток, важна рута низ која минува околу една петтина од светската трговија со LNG.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека од крајот на февруари увезените фосилни енергенси ја чинеле Европската Унија дополнителни 100 милијарди евра „без ниту една дополнителна молекула енергија“.

Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен минатиот месец ги повика владите да продолжат со намалување на побарувачката поради исклучително ниското ниво на залихи на гас.

Операторите на европската гасна мрежа исто така предупредија дека остра зима би можела да доведе до недостиг на гас од дури 15 проценти во однос на потребите на ЕУ.

Наместо вложување во дополнителни складишни капацитети, за кои IEEFA предупредува дека би можеле да го „заклучат“ користењето на инфраструктурата за фосилни горива на децении, Институтот препорачува поголеми вложувања во обновливи извори на енергија, топлински пумпи, електрификација на индустријата и мерки за енергетска ефикасност за да се намалат зимските пикови на потрошувачка кои ги исцрпуваат резервите на гас.

ИЗДВОЕНИ