Емисиите од главните емисиони точки во фабриката „Титан Усје“ и во периодот од 18 до 24 септември се движеле под граничните вредности пропишани со закон, покажува неделниот извештај објавен од компанијата. Во извештајот се прикажани среднодневните вредности на емисиите од ротационата печка 3 (А-08.1) и ротационата печка 4 (А-04.1). Следени се параметрите сулфур диоксид (SO₂), азотни оксиди (NOx) и прашина, со споредба меѓу измерените среднодневни вредности и граничните емисиони вредности.

Од „Титан Усје“ наведуваат дека емисиите од работата на фабриката постојано се под границите утврдени со закон. Компанијата посочува дека од 2007 година има континуиран мониторинг на 24 часа, 365 дена во годината, од страна на независен автоматски систем за мониторинг на вкупната прашина, SO₂ и NOx.

Според објавените информации, системот за континуирано мерење овозможува следење на емисиите и споредба со дозволените вредности. Компанијата истовремено наведува дека производството запрело додека филтрите не биле во работен режим, со цел да се обезбеди нивна функционалност.

Во извештајот се осврнуваат и на амбиенталниот воздух во околината на фабриката. Од „Титан Усје“ наведуваат дека паралелното мерење на амбиенталниот воздух, вклучително и концентрациите на PM10 честички, во кругот на фабриката не покажува зголемување во споредба со соседните амбиентални мерни станици.

Компанијата, исто така, наведува дека нејзиното работење е предмет на надзор од Државниот инспекторат за животна средина.

Во однос на работниот режим, од „Титан Усје“ посочуваат дека печките, кога работат, работат 24 часа. Во извештајот се наведува дека во текот на летото печките работеле континуирано, додека производството на цемент било запрено поради технолошки и деловни причини, односно во период кога традиционално има намалена побарувачка.

Објавувањето на неделните податоци е дел од практиката на компанијата за информирање на јавноста за емисиите од производниот процес. „Титан Усје“ ги повикува граѓаните, граѓанските организации и медиумите да ги следат податоците и да доставуваат прашања и барања за дополнителни информации.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ