Австрија, Чешка и Словачка бараат билатералните спорови да не бидат пречка за напредокот на земјите кандидати кон членство во ЕУ, посочувајќи ги како примери спорот меѓу Македонија и Бугарија и несогласувањата меѓу Хрватска и Црна Гора. Трите земји, во заеднички неофицијален документ (нон-пејпер) дистрибуиран на 7 октомври во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, настапија со ваква иницијатива во пресрет на меѓувладината конференција меѓу ЕУ и Црна Гора, на која Подгорица ја продолжува завршната фаза од пристапните преговори. Како што пренесе загрепски „Вечерњи лист“, притисокот врз Хрватска како земја членка не застанува тука, бидејќи речиси истовремено и Европската комисија предлага билатералните прашања што не се дел од пристапните критериуми да се решаваат надвор од преговорите. Дополнително, Комисијата ја отвора и можноста во одредени меѓучекори да се отстапи од принципот на едногласност на сите земји членки.
– Австрија, исто така, одделно го стави прашањето за проширувањето и ветото пред министрите на сите земји членки, што претставува „троен притисок, кој, сепак, во голема мера произлегува од веќе договорените критериуми. За некои земји наједноставно би било спорните прашања да се стават во фиоката на билатералните односи за да се забрза членството. Но, одредувањето што е билатерален спор, а што прашање на добрососедски односи, многу лесно може да стане политичко и арбитрарно, пишува „Вечерњи лист“.
Минатиот месец, во Виена се одржа министерска конференција на земјите од Западен Балкан со Австрија, Чешка и Словачка, на која се разговараше за напредокот кон ЕУ. Во пресрет на конференцијата, трите земји имаа настан во рамките на Славковскиот формат и во Скопје, од каде што порачаа дека интересот за проширувањето на Унијата е повторно засилен и дека Македонија, со спроведувањето на Планот за раст, направила одлична работа. Австрискиот амбасадор, Мартин Памер, порача дека има особена заинтересираност во моментов за процесот за проширување и за разлика од порано, сега се зборува и за конкретни држави кои ќе се приклучат кон Унијата. Благодарение на одличната работа во однос на Планот за раст, тој најави дека на земјава ќе ѝ бидат алоцирани 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок.
Паралелно со иницијативата на Австрија, Чешка и Словачка, и Европската комисија предлага промени што би требало да го забрзаат проширувањето и да го намалат ризикот од блокади во пристапниот процес. Во пакетот за подготовка на Унијата за идните проширувања, објавен на 6 овој месец, Комисијата предлага одлуките за отворање преговарачки кластери и други меѓучекори во преговорите со земјите кандидати да се носат со квалификувано мнозинство, наместо со досегашната практика на едногласност. Одлуката за прием на нова членка, сепак, и натаму би барала едногласност и ратификација на пристапниот договор од сите земји членки.
Предлогот доаѓа во време кога во Брисел повторно се отвора прашањето како да се спречи билатералните спорови да го блокираат европскиот пат на земјите кандидати, но и како Унијата институционално да се подготви за прием на нови членки. Комисијата, истовремено, предлага постепено вклучување на кандидатите во одделни европски политики и сектори, како енергетиката, транспортот, дигиталната сфера и одбраната, уште пред формалното членство.
За Македонија, ваквите иницијативи се особено значајни поради застојот во пристапниот процес и спорот со Бугарија.
За време на средбата минатата недела меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, официјална Софија побара временска рамка од Македонија за усвојување на уставните измени, додека македонските власти не отстапуваат од ставот дека земјава мора да добие одредени гаранции дека нема да има нови услови, пред да го направи чекорот со промена на Уставот. Билатералката не доведе до поместување на позициите ниту за милиметар, но се разговарало за продолжување на дијалогот во периодот што следува. По средбата, Муцунски оцени дека „меѓу двете страни постои висок степен на недоверба“, додека Петрова-Чамова беше одлучна дека условите за земјава остануваат непроменети и побара временска рамка за исполнување на обврските. Таа уверува дека Софија нема да поставува дополнителни услови за Македонија. (В. С. Н.)












