Пет лица беа извлечени од урнатините и однесени во блиските болници со амбулантно возило по експлозијата што уништи две згради во населбата Фатих во европскиот дел на Истанбул, објавија турските медиуми.
Експлозијата, исто така, ги оштети и блиските згради, пренесе „Танјуг“.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека „две соседни згради се урнале по експлозијата, за која се верува дека е предизвикана од природен гас“, и дека пет лица се заробени под урнатините.
„Бројни екипи од Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби, противпожарни и медицински екипи се испратени на местото на настанот“, се вели во соопштението.
Градската влада на Истанбул соопшти дека експлозијата се случила околу 12 часот во зграда во населбата Ајвансарај.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, началникот на покраинската полиција, Селами Јилдиз, и градоначалникот на Фатих, Мехмет Ергун Туран, го посетија местото на несреќата.












