Гости во скопската Зоолошка градина украле половина од подароците за првиот роденден на мајмунчето Мики, организиран во четвртокот.
Ова на социјалните мрежи го обелодени зоонегувателот Војо Иванов, вработен во Зоолошката градина.
– Му правевме роденден на мајмунот Мики. Повеќе од половина од подароците за мајмунот ги украдоа гости (луѓе!) Толку имам да кажам – напиша Иванов на „Фејсбук“.
Тој посочува дека кражбата на подароците се случила кога на кратко влегле вработените во градината, а посетителите го искористиле тоа.
– Настанот беше надвор и на неколку минути влегле внатре. Кога излегле колегите, не останало речиси ништо од подароците – истакна Иванов.
Портпаролката во Зоолошката, Тина Мицковска, раскажа за весникот ВЕЧЕР дека кога средувале по роденденската забава, забележале дека недостигаат многу од подароците на Мики.
– Недостигаа играчки, ќебенца, па дури ги зеле и букетите со цвеќиња за зоонегувателките. Најверојатно, го искористиле моментот кога бевме собрани сите за да се дува свеќичката на тортата, а таму каде што беа подароците, тогаш немаше никој – вели Мицковска.
Таа вели дека не е пријавен случајот.
– Верувајте, ние повеќе се срамиме од оние што се виновни за тоа. Не пријавиме за тоа – истакна Мицковска.
По настанот, во јавноста се појавија лавина реакции и коментари за овој недоличен гест на посетителите на скопската Зоолошка градина.
Меѓу оние што реагираа беше и познатата инфлуенсерка Ина Многуфина, која сподели свој коментар на „Фејсбук“.
– Зошто ви се поклони за мајмун? Зошто имаме ваков клептоманско- пакосен менталитет? Да се земе од негде, да се уништи нешто заедничко, да се украде, да се напакости. Мајмунчето добило подарочиња, му ги украле. Што е со вас? Каков пример им давате на децата што ги носите во зоолошка? Затоа сме тука, се кршат насадени дрвца, се крадат садници од булевари, деца без родителска грижа кршат игралишта… зошто? – наведе Ина.
Во четвртокот, во Зоолошката градина беше организирана роденденска прослава за Мики, кој наполни една година. По тој повод, зоонегувателките подготвија специјална торта за него, од продукти што ги јаде тој, но имаше уште една торта за посетителите.
Од Зоолошката градина посочија дека гибоните не се домашни миленици и оти треба да го чуваме нивното природно живеалиште, бидејќи овој вид е загрозен од човечкиот фактор, а тоа е уништувањето на шумите.
Неговата приказна започна тешко, но заврши со надеж, љубов и има среќен крај. Таа им е позната на повеќемина. Како младенче, на возраст од само неколку месеци, бил отфрлен од мајка си и се соочил со сериозни повреди на главата и со епилептични напади.
Во тие најкритични моменти, неговиот живот зависел од човечката грижа, посветеноста и борбата. Зоонегувателката Зера 24 часа дневно била покрај него, со мала помош од колешките. Таа ниту еден момент не го оставила сам.
Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче.
(А. П.)












