среда, ноември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА КЛИМОВСКИ: ЛОТАРИЈА НЕ ПРИРЕДУВАЛА ВЛТ-ИГРИ ОД 2013 ГОДИНА, ПРАВОТО БИЛО ПРЕНЕСЕНО ВО...

КЛИМОВСКИ: ЛОТАРИЈА НЕ ПРИРЕДУВАЛА ВЛТ-ИГРИ ОД 2013 ГОДИНА, ПРАВОТО БИЛО ПРЕНЕСЕНО ВО ДРУГО ДРУШТВО

АКТУЕЛНИОТ ДИРЕКТОР СВЕДОК НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ЛОТАРИЈА

0

АД „Државна лотарија“ не приредувала игри на среќа преку видеолотариски терминали (ВЛТ) од 2013 година, бидејќи правото за тоа било целосно пренесено како влог во „Државна видеолотарија“. Ова го изјави актуелниот директор на АД „Државна лотарија“, Александар Климовски, кој сведочеше во Основниот кривичен суд, каде што продолжи доказната постапка за предметот во кој се обвинети поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.

Одговарајќи на прашања за дејноста на друштвото, Климовски посочи дека согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Лотарија приредува општи, електронски и интернетски игри на среќа, но не и игри преку ВЛТ-терминали.

„АД Државна лотарија не приредува ВЛТ игри од 2013 година, затоа што целокупното право, согласно со процените од тоа време, во целост било пренесено како влог во друго друштво, Државна видеолотарија, рече Климовски. Тој објасни дека „Државна видеолотарија“ била основана од два содружници – АД „Државна лотарија“ и фирма основана од групацијата „Новоматик“. По донесувањето на автентичното толкување на Законот за игрите на среќа, друштвото „Ново ВЛТ“ престанало да постои.

За набавката на ВЛТ-апаратите, Климовски посведочи дека кога ја презел функцијата генерален директор, договорите веќе биле склучени и речиси целосно реализирани. Апаратите биле примени, евидентирани како имот на друштвото и сместени во магацин. „Приемот и евиденцијата во имотот на друштвото се направени во целост и тие се ставени во магацин. Во поглед на плаќањата, тие се фактурирани во целост, а во поглед на исплатата, 97-98 проценти биле претходно исплатени“, изјави Климовски. Тој додаде дека по неговиот избор биле извршени и исплати бидејќи станувало збор за веќе склучена и фактурирана набавка и обврска на Лотарија, а неплаќањето можело да доведе до извршна постапка.

Според Климовски, за конкретните апарати постои одобрение од УЈП за просторот, но нема решение од Министерството за финансии за употреба. Тој нагласи дека постапките биле водени пред неговото назначување и дека самиот не испраќал барања за нивно одобрување. Како претставник на оштетеното друштво, Климовски изјави дека АД „Државна лотарија“ се приклучува кон кривичниот прогон. За евентуалното имотноправно побарување и неговиот износ, друштвото дополнително ќе се произнесе во текот на постапката или ќе го остварува во граѓанска постапка, откако за тоа ќе одлучат неговите органи. (П. А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ