Поставувањето училишни компостери, на пример, им овозможува на учениците директно да го следат процесот на компостирање и да научат како органскиот отпад може да се претвори во природно ѓубриво. Преку лабораториски и практични часови, учениците можат да се запознаат со процесите на селектирање и анализа на биоотпадот, како и со факторите што влијаат врз времетраењето на компостирањето. Органскиот отпад може да се искористи за одгледување зеленчук, цвеќиња или садење дрвца, со што учениците директно придонесуваат за позелена околина  нагласуваат од „Екологик“

 

Со зголемувањето на еколошките предизвици, потребата од едукација за правилно управување со отпад станува сè поизразена. Човечките активности значително придонесуваат за деградација на животната средина, што резултира со глобално затоплување, загадување на водите и почвата, како и намалување на биодиверзитетот.

Од „Екологик“ сметаат дека иако технологијата и јавните политики имаат важна улога во справувањето со овие проблеми, образованието останува клучен фактор за развивање одговорни навики и долгорочна грижа за животната средина. Тие ценат дека во овој процес значајна улога имаат образовните институции – основните и средните училишта, како и високообразовните установи и оти можат да поттикнат практично учење и одржливи практики преку воведување активности за управување со биоотпад.

– Поставувањето училишни компостери, на пример, им овозможува на учениците директно да го следат процесот на компостирање и да научат како органскиот отпад може да се претвори во природно ѓубриво. Преку лабораториски и практични часови, учениците можат да се запознаат со процесите на селектирање и анализа на биоотпадот, како и со факторите што влијаат врз времетраењето на компостирањето –  нагласуваат од „Екологик“.

Додаваат дека практичните иницијативи, како проектот „Од отпад до ресурс“, им даваат можност на учениците да го применат стекнатото знаење во практика – во училишните дворови, градини или во локалната заедница.

– Органскиот отпад може да се искористи за одгледување зеленчук, цвеќиња или садење дрвца, со што учениците директно придонесуваат за позелена околина – наведуваат од „Екологик“.

Тие нагласуваат дека дополнително, формирањето зелени тимови и ученички екоклубови го зголемува интересот и ангажманот кај младите.

– Тие можат да организираат едукативни кампањи, денови посветени на компостирањето и екосаеми, на кои ќе ги презентираат резултатите од своите активности и ќе ги мотивираат соучениците и локалната заедница да се приклучат – децидни се од „Екологик“.

Како  важен сегмент, тие ја посочуваат и соработката со родителите, локалните организации и бизнис-заедницата.

-Заедничките иницијативи – како демонстрации на домашно компостирање, натпревари за најдобар екопроект или тематски семинари – ја прошируваат едукацијата и надвор од училиштето и придонесуваат за подигнување на еколошката свест во заедницата –  потенцираат од „Екологик“.

Интегрирањето на овие активности во наставниот процес, според „Екологик“ им овозможува на учениците да развиваат критичко размислување, лидерски способности и креативност – вештини неопходни за справување со идните еколошки предизвици.

– Воедно, тие учат дека секојдневните одлуки имаат директно влијание врз здравјето на планетата и дека секој поединец може да придонесе за позитивни промени – нагласуваат од „Екологик“.

Дека некои од општините веќе го применуваат ова во училиштата на                          својата територија, иако од „Екосвест“ велат дека засега го немаат испитано пулсот во врска со оваа проблематика, туку е само укажување, е примерот со Карпош.

Општина Карпош пред две години набави 10 ротирачки компостери што ги постави во дворните места на сите основни училишта, во нејзина надлежност. Како што информираа тогаш од Општината, станува збор за уреди од француско производство составени од два ротирачки барабани со волумен од по 190 литри, кои можат безбедно можат да ги користат и помалите ученици.

– Покрај одржување на здравата животна околина, на овој начин компостот што ќе се произведе во овие садови ќе послужи за уредување на училишните дворови. Гледано од едукативен аспект, основците практично се запознаваат со процесот на компостирање органски материи од растително потекло, но исто така стекнуваат и добри практики за паметно управување со отпадот преку селектирање на отпадните органски материи и остатоци од храна – информираа од Општина Карпош.

Набавката на десетте компостери ја чинеше локалната самоуправа околу 480.000 денари.

Инаку, иницијатива за компостери веќе неколку години има и „Зелен хуман град“. Оттаму, пред неколку месеци, рекоа дека Градот Скопје мора да започне со поставување биокомпостери во секое соседство во секоја општина, кои ќе имаат финален продукт компост или хумус, со што ќе се елиминираат трошоците за транспорт и загадување од камионите што би го носеле ѓубрето во депонија ако нема дисперзирани компостери.

– Вака ќе елиминираме 60 % од вкупниот комунален отпад, бидејќи најмалку 60 % од него е биоотпад од домаќинствата, угостителските објекти, пазарчињата и сл. што, исто така, може да се пренамени во компост и органско ѓубриво за земјоделство. Покрај малите компостери со финален производ компост или хумус, Градот Скопје, во соработка со државата, може да направи една голема компостарница и биогасна централа во која ќе се носи биоотпад од прехранбена индустрија од околината и отпад од лисја и гранки што го собираат од Паркови и зеленило. Таа централизирана компостарница, покрај компостот, да произведува метан како продукт кој ќе се искористи за производство на електрична енергија – рекоа од Зелен хуман град.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ