понеделник, септември 7, 2026
Дома СКОПСКА За три дена со Градскиот воз се превезле околу 1.500 патници, се...

За три дена со Градскиот воз се превезле околу 1.500 патници, се очекува бројката да надмине 100 илјади

2

Со Градскиот воз во Скопје за само три дена од стартот се превезле околу 1.500 патници.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, информираше дека првичните анализи покажуваат оти интересот кај граѓаните е добар и оти се очекува бројката во периодот што следи значително да расте.

Тој повтори дека според плановите, се предвидува прооширување на железничкиот сообраќај со уште две линии, со кои повеќе приградски населби ќе бидат поврзани со Железничката станица во Скопје.

-Првичните анализи се добри, за три дена имаше некаде околу 1.500 патници. Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100.000 патници. Нашата проценка е дека околу 200.000 жители се опфатени со правата линија од градскиот воз – рече Николоски во телевизиско гостување.

Според него, веќе се работи на проектирањето на уште две траси, кои треба да го прошират опфатот на градскиот воз и да поврзат поголем број населени места со Скопје.

Првата планирана траса, како што прецизира, треба да се движи од Железничката станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село. Втората би го поврзувала северозападниот дел од градот, односно Железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.

Тој додаде дека со реализацијата на овие две линии, би се создала железничка мрежа која ќе ги поврзе трите делови на градот и приградските населби кои гравитираат кон Скопје со Железничката станица.

-Со градскиот воз граѓаните ќе можат да ја избегнат градската гужва и преку точни временски интервали на пристигнување да го планираат своето време. Во моментов ја користиме рутата која што некогаш постоела, да ги вратиме во живот и на тој начин приградските населби да ги добилижиме до центарот. Проектирањето завршува до крајот на месец октомври, после тоа одиме со тендерирање и очекуваме во зависност од временските услови да започне да се работи во декември или јануари. Ако овде успеавме да ја завршиме градбата за 10 месеци, таму оставаме 12 месеци, така што почетокот на 2028 година ќе имаме оперативни уште две линии на градскиот воз – посочи  Николоски.

Одговарајќи на прашањето зошто во актуелната мрежа нема траса до Скопскиот аеродром, Николоски појасни дека до аеродромот во моментов нема пруга, но дека поврзувањето е предвидено во рамки проектот „Брза пруга“.

-До Скопскиот аеродром во моментов нема пруга, но тоа е дел од еден друг проект, а тоа е „Брзата пруга“. Идејата е со 160 километри на час од центарот на Скопје да се патува до аеродромот, што сериозно ќе го скрати времето на патување. Планирано е ова да е првата отсечка која што ќе се изгради во проектот „Брза пруга“, објасни министерот за транспорт, Александар Николоски.

 

ИЗДВОЕНИ