Министерката за финансии уверува дека со дополнетиот ребаланс се обезбедени средства за редовна исплата на платите, пензиите и на социјалните надоместоци, како и за обврските кон стопанството и достасаните долгови. Со измените се издвојуваат дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери и средства за здравството и за породилните надоместоци. Во меѓувреме, проекциите за 2027 година предвидуваат 2 милијарди евра за пензии, 405 милиони евра за камати и 663,7 милиони евра за капитални инвестиции
Дополнителниот ребаланс на буџетот за 2026 година е навремено приспособување на изменетите економски услови, а не последица на проблеми со ликвидноста, порача министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во обраќањето пред пратениците во Собранието. Со измените се намалуваат и приходната и расходната страна на државната каса, но се задржува планираниот буџетски дефицит од 46,3 милијарди денари. Истовремено, се обезбедуваат дополнителни средства за социјалните трансфери, здравството и за исплатата на породилните надоместоци.
Според новите проекции, вкупните приходи за 2026 година се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари и се утврдени на 374,2 милијарди денари. Расходите, пак, се коригираат надолу и се планирани на 420,5 милијарди денари. Министерката објасни дека ваквото приспособување е резултат, пред сè, на фискалните ефекти од владините мерки за намалување на ДДВ и акцизата на бензините и на дизелот, со кои требаше да се ублажи влијанието на високите цени на нафтата врз граѓаните и врз стопанството.
– До крајот на годинава, државната каса е стабилна и обезбедено е финансирање на сите обврски – плати, пензии, социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплата на долговите што достасуваат – истакна Димитриеска-Кочоска.
Еден од приоритетите во дополнетиот ребаланс е социјалната сигурност. За социјални трансфери се обезбедуваат дополнителни 3,7 милијарди денари, од кои 1,4 милијарди денари се наменети за социјални надоместоци, а уште 887 милиони денари за здравствена заштита. Дополнителни 1,8 милијарди денари добива Министерството за социјална политика, демографија и млади, за поддршка на ранливите категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. За редовна исплата на породилните надоместоци се предвидени уште 600 милиони денари.
Од друга страна, се прави корекција кај капиталните расходи, главно кај проектите кај кои реализацијата и искористувањето на средствата се одвиваат побавно од планираното. Министерката уверува дека останува развојната компонента, а државата продолжува да вложува во патната и во железничката инфраструктура, одбраната, комуналните проекти, образованието, земјоделството и во животната средина, како и да ги поддржува општините во реализацијата на локалните инфраструктурни проекти.
Но, додека актуелниот ребаланс е насочен кон приспособување на буџетските ставки и кон обезбедување средства за непречено функционирање на државата до крајот на годинава, проекциите за 2027 година покажуваат дека социјалните трансфери и натаму ќе бидат најголемата расходна ставка, а трошоците за задолжувањето ќе продолжат да растат. Предлог-буџетот за 2027 година предвидува вкупни расходи од 440,4 милијарди денари, односно околу 7,2 милијарди евра, додека приходите се проектирани на 395,4 милијарди денари или околу 6,4 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, што претставува 3,5 проценти од БДП. Во споредба со ребалансот за 2026 година, приходите треба да пораснат за 5,7 проценти, а расходите за 4,8 проценти.
Најголемиот дел од расходите, дури 220,8 милијарди денари или околу 3,6 милијарди евра, ќе бидат наменети за социјални трансфери. Тоа значи дека секој втор денар од државната каса ќе оди за оваа категорија. Од нив, околу две милијарди евра се планирани за пензии, што е зголемување за 4,8 проценти во однос на ребалансот за 2026 година. Наспроти тоа, за директните социјални надоместоци се предвидени 232,5 милиони евра, што е за два проценти помалку од последниот план за тековната година. Субвенциите и трансферите ќе изнесуваат 534,6 милиони евра, со раст од 7,4 проценти.
Дополнителен товар за државната каса ќе бидат каматите по основ на задолжување. За нив во 2027 година се планирани околу 405 милиони евра, што е за 18,2 проценти повеќе од годинава. Истовремено, за плати и за надоместоци во јавниот сектор се предвидени 930,2 милиони евра, а за стоки и услуги 453 милиони евра. Капиталните инвестиции се проектирани на 663,7 милиони евра, односно само 11 милиони евра повеќе од износот утврден со ребалансот за 2026 година. Нивниот удел во вкупните расходи е 9,3 проценти. Парите треба да се насочат кон коридорите 8 и 10-д, железничката и патната инфраструктура, здравството, образованието и земјоделството, меѓу кои и делницата Бељаковце – Крива Паланка и проектите за локални патишта во 80 општини.
За 2027 година се очекуваат реален економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти. Министерството за финансии најавува постепена фискална консолидација и рационализација на расходите. Сепак, проекциите покажуваат дека голем дел од буџетските средства ќе бидат врзани за редовните обврски, пензиите и за каматите, додека просторот за капитални инвестиции останува релативно ограничен.
(С. Бл.)












