сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Еден телефонски повик, илјадници евра: како балканската мрежа на „ало измамници“ ги...

Еден телефонски повик, илјадници евра: како балканската мрежа на „ало измамници“ ги ограбува старите луѓе

Трагата од Битола води до Бугарија

515

Еден телефонски повик, неколку минути паника и изгубени илјадници евра. Така изгледа една од најраспространетите измами на Балканот – телефонската измама. Криминалниот модел што со години се развивал во Бугарија, денес се појавува и во соседните земји, меѓу кои и во Македонија.

Последната истрага доаѓа од Битола, каде што истражителите открија шема, со која, за само два до три месеци, биле измамени повеќе од десет граѓани. Најчесто станува збор за постари луѓе кои добиле телефонски повик со страшна вест – дека нивни близок доживеал сообраќајна несреќа и итно му треба операција. Исплашени и убедени дека му помагаат на свој роднина, тие собирале пари, накит и вредни предмети и ги предавале на луѓе што доаѓале да ги подигнат. Вкупната штета, според битолското Обвинителство, надминува 60.000 евра.

– Парите ги предаваат на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на „Фејсбук“, биле ангажирани за работа. До овој момент, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири вакви лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани, соопштуваат од ОЈО Битола.

Но, истрагата покажува дека луѓето што ги подигаат парите се само најниското ниво во криминалниот синџир. Парите потоа се пренесуваат и завршуваат кај лице во Бугарија, додека телефонските повици до жртвите доаѓале од броеви регистрирани во Романија. Овој криминален модел не е нов, напротив, добро е познат во Бугарија, каде што телефонските измами со години се анализираат како посебен криминален феномен. Нашето обвинителство веќе побарало меѓународна правна помош од бугарските колеги за откривање на сторителите кои оперираат на македонска почва, а во меѓувреме, апелира граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не се согласуваат на исплата на парични средства „на рака” на лица кои воопшто не ги познаваат.

 Криминалот со телефонските измами измислен во Бугарија

„Кривичното дело е типично за Бугарија, но веќе добива меѓународен елемент – картички од романски и грчки оператори се користат за измама во Бугарија и се забележуваат обиди за ширење во странство. Поради недостатокот на познавање на ова кривично дело во странство, нема можности за позајмување странско искуство за да се спротивстави на него“, вака почнува темелниот извештај на бугарското Обвинителство од пред повеќе од 10 години, за новиот вид криминална измама.

Кривичното дело, според анализата на бугарското Обвинителство, телефонските измами се темелат на едноставна, но психолошки силна стратегија – создавање паника кај жртвата.

„Се користат можни опасности кои се широко распространети и ја достигнале масовната свест – сообраќајни несреќи, сериозни болести, пожари или други трагични настани“, се наведува во извештајот на бугарското Обвинителство. Во најчестото сценарио, измамниците се јавуваат по случаен избор на телефонски броеви. Од другата страна се слуша плачлив глас кој се претставува како роднина. Само неколку секунди подоцна, на линијата се јавува друго лице – кое се претставува како лекар, полицаец или обвинител. Тој објаснува дека ситуацијата е драматична и дека итно се потребни пари. Најчесто користената приказна е за тешка сообраќајна несреќа.

„Сторителите се претставуваат како лекари и објаснуваат дека роднината е сериозно повредена и дека е потребна итна, скапа операција, за која во моментов нема достапни средства во фондот за здравствено осигурување“.

Во други случаи се користи обратна приказна – дека роднината предизвикал несреќа со жртви.

„Сторителите се претставуваат како полицајци или обвинители и објаснуваат дека роднината предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека итно се потребни пари за да се избегне затворска казна.“ Во двата случаи, притисокот е ист – парите мора веднаш да се дадат.

Бугарските истражители, во извештајот за телефонските измами, опишуваат цела листа сценарија што ги користат измамниците. Покрај сообраќајни несреќи, тие измислуваат приказни за: роднина што се онесвестил на улица за време на топлотен бран, тешка болест и потреба од скапо лекување, зараза со опасни вируси и потреба од „вакцина“, пожар или експлозија, несреќа на работно место. Најчести жртви се постари луѓе.

„Во горенаведените измамнички шеми, жртвите се претежно постари граѓани на возраст над 70-75 години“, се наведува во извештајот. Тие полесно се вознемируваат од приказната за повредениот роднина и имаат заштеди дома.

Криминална група со распределба на функции

„Телефонските измами најчесто ги вршат добро организирани затворени криминални групи, меѓу кои постои воспоставен ред, хиерархија и распределба на функции“, профилирале бугарските обвинители. На врвот се луѓето што ги прават телефонските повици. Тие директно разговараат со жртвите и ја создаваат паниката.

„Обично има двајца сторители – еден е ‘близок роднина’, а другиот ‘лекар’, ‘полицаец’ или ‘обвинител’.“ Според истражителите, тие правеле од 600 до 1000 телефонски повици дневно додека некој не поверува во приказната. Следното ниво се луѓето што го организираат транспортот на парите.

„Ова се лицата што ќе ги транспортираат парите од населбата каде што биле предадени до населбата каде што се наоѓаат сторителите“. Најниското ниво се таканаречените мулиња.

„Тоа се лицата кои ги земаат парите од жртвите и ги предаваат понатаму.“ Овие луѓе често се регрутираат преку огласи за работа или преку познанства и понекогаш тврдат дека не знаеле дека учествуваат во измама, профилирале бугарските истражители уште пред 15 години. Велат дека една од причините поради кои овие измами тешко се откриваат е начинот на комуникација.

„СИМ-картичките не се во сопственост на сторителите и во повеќето случаи се регистрирани на бездомници, социјално загрозени лица, зависници или други лица со лажен идентитет.“ Понекогаш се работи за огромни количества. Дополнителен проблем е што повиците често се прават од друга држава, што ја отежнува истрагата.

„Добиени се информации за групи кои вршат телефонски измами правејќи повици од територијата на Романија.“ Токму таков модел се појавува и во случаите од Битола – повиците се од Романија, посредниците се од Македонија, организаторите во Бугарија, ова покажува дека телефонските измами денес функционираат како прекуграничен криминал. (П. А.)

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ