Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска побара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на Општината и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Барањето произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб и од оцената дека надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблем од ваков обем.
На прес-конференцијата присуствувале и многубројни граѓани што претрпеле штета.
Инаку, според информациите изнесени на Кризниот штаб, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ Општината. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот. Добитокот секојдневно се движи и низ самиот центар на градот.
Митовски истакна дека се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Од Владата побара да обезбеди заедничка, координирана интервенција, со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и со точно утврдена одговорност.
Тој посочи дека од јануари 2022 година, до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и до Агенцијата за храна и ветеринарство се доставени стотици пријави и иницијативи. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а собрани се докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.
Според Митовски, правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени уште во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост, а досегашните делумни интервенции не обезбедиле трајно решение.
Градоначалникот го отвори и прашањето за здравствената состојба и благосостојбата на животните.
Побара одговори за тоа кој го следи добитокот за кој се донесени решенија за одземање, кога се извршени последните ветеринарни прегледи и дали се проценети здравствените и епидемиолошките ризици.
Митовски нагласи дека институциите мора да ги спроведуваат сопствените одлуки и оти ниту партиската припадност ниту приватните интереси смеат да бидат над законот и над правото на граѓаните на нормален и пристоен живот.












