понеделник, ноември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Граѓаните останаа без локални вести: „Медиумски пустини“ во Македонија

Граѓаните останаа без локални вести: „Медиумски пустини“ во Македонија

2
Фото: NarativAI

Во Македонија, дури 49 од вкупно 80 општини немаат сопствен локален традиционален медиум, додека пет општини не се покриени ниту од регионални традиционални медиуми, покажува истражувањето на организацијата „NarativAI“. Студијата опфаќа изработка на првата заедничка интерактивна мапа на „медиумски пустини“ во Македонија и Србија.

Наодите беа претставени во рамките на истражувачкиот проект „Кој ги раскажува нашите приказни?“, кој укажува на недостигот од локално новинарско известување и ограничениот пристап на граѓаните до информации релевантни за нивните заедници.

Александар Манасиев, претседател на „NarativAI“, истакна дека ова е прво заедничко мапирање на медиумските пустини во двете земји. Тој ја нагласи важноста од зачувување на локалното новинарство, зајакнување на локалните медиуми и зголемување на бројот на дописници во сите региони.

„,Медиумска пустина‘ не мора да биде заборавено планинско село. Тоа може да биде урбана населба, помал град, па дури и место каде што медиумите формално постојат, но локалните прашања ретко доспеваат во вестите“, појасни Манасиев.

Терминот „медиумска пустина“ се однесува на заедници каде што жителите имаат многу ограничен пристап до веродостојни и сеопфатни вести и информации, кои се клучни за функционирањето на демократијата на локално ниво.

Истражувањето покажа дека ситуацијата во Србија е донекаде поинаква. Иако постојат регистрирани медиуми, некои локални заедници добиваат информации преку социјалните мрежи, преку усни пренесувања или преку повремено медиумско покривање што доаѓа од соседните градови.

Истражувањето беше спроведено во периодот од мај до септември 2026 година и вклучуваше анализа на јавно достапни податоци за печатените, радио, телевизиските и онлајн медиумите, дополнета со теренски проверки и информации од локални извори.

Авторите напоменуваат дека податоците за Србија имаат одредени ограничувања, бидејќи информациите за локалните медиуми се расфрлани низ различни регистри кои не се секогаш ажурирани. Понатаму, самата регистрација на еден медиум не мора да значи дека тој редовно известува за локалните настани. Една од уникатните карактеристики на проектот е интерактивната мапа, на која граѓаните можат да придонесат преку посочување области каде што недостасуваат локални медиуми, каде што известувањето е недоволно или каде што одредени медиуми престанале со работа.

„Мапата е достапна за секој што знае за место во Македонија или Србија каде што недостасуваат локални вести. Граѓаните, исто така, можат да пријават загриженост во врска со пристрасно известување или други прашања поврзани со обезбедувањето локални информации“, изјави Манасиев.

Пријавата може да се поднесе за помалку од една минута преку интерактивната платформа; секоја пријава укажува на потенцијален проблем, но тоа не значи автоматска потврда дека одредена област претставува „медиумска пустина“.

ИЗДВОЕНИ