Новиот проект на шампионот добива сериозна форма – Еурофарм Пелистер официјално го претстави босанскиот репрезентативец Едвин Џелиловиќ (23) како ново засилување за сезоната 2026/27. Десното крило пристигнува од Извиѓач и стави потпис на тригодишен договор со битолскиот суперлигаш. Џелиловиќ важи за еден од најперспективните ракометари во БиХ, а зад себе веќе има настапи во Европската лига и ЕХФ Купот.
Пред трансферот во Извиѓач, тој настапуваше и за Грачаница, додека со клубот од Љубушки освои неколку шампионски титули во домашното првенство.
Официјалната промоција на Џелиловиќ е закажана за јули, кога ќе стартуваат подготовките на битолчани. Тој е трето ново име во тимот по Миха Котар и Мартин Серафимов, а тимот од клупата ќе го предводи легендарниот Лино Червар.











