Македонија и формално станува дел од Вертикалниот гасен коридор, регионална иницијатива чија цел е да се отворат повеќе правци за транспорт и снабдување со природен гас и да се намали зависноста од ограничен број извори и транспортни рути.

Пристапувањето беше официјализирано вчера со потпишување на заедничка декларација во Солун, со што земјата се вклучува во пошироката мрежа што ги поврзува гасните системи на Југоисточна, Централна и Источна Европа.

За Македонија, значењето на оваа одлука е поврзано пред сè со развојот на интерконекторите со соседните земји. Во тек е изградбата на гасната врска со Грција, која според плановите треба да биде оперативна во 2027 година. Преку неа земјата ќе може да се поврзе со грчкиот гасен систем и да добие пристап до снабдување преку ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис.

Предвидениот почетен капацитет на интерконекторот е 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оцени дека приклучувањето претставува промена на досегашната позиција на земјата во регионалната енергетска инфраструктура.

– Македонија веќе не треба да биде само крајна точка на гасната мрежа. Со поврзувањето со соседните системи создаваме услови да станеме активен партнер и потенцијална транзитна точка – изјави Божиновска.

Интерконекторот со Грција е еден од клучните елементи во планот за диверзификација на снабдувањето. Неговото функционирање би овозможило природниот гас до Македонија да стигнува од јужен правец, наместо снабдувањето да зависи од една единствена рута. Дополнителна можност претставува пристапот до ЛНГ инфраструктурата во Грција, преку која на регионалниот пазар можат да пристигнуваат количини гас од различни меѓународни извори.

Од Министерството за енергетика велат дека поголемиот број потенцијални снабдувачи може да создаде и поконкурентни услови на пазарот.

Следниот важен чекор е планираниот интерконектор со Србија. Со ова поврзување Македонија би добила пристап и до северниот правец, односно до гасните системи што се поврзани со Централна и Источна Европа. Комбинацијата од врските со Грција и Србија отвора можност земјата во иднина да има поширока регионална функција – не само како корисник на гас, туку и како дел од транзитна мрежа меѓу јужниот и централноевропскиот дел од континентот.

– Нашата визија не завршува со обезбедувањето гас за домашните потреби. Со интерконекторот со Србија го правиме следниот чекор – Македонија да стане транзитна енергетска врска која го поврзува југот со Централна Европа – порача Божиновска.

Вертикалниот гасен коридор претставува систем на меѓусебно поврзани национални гасоводи, интерконектори и терминали. Во неговата регионална структура се вклучени Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија, а иницијативата се проширува и кон Западен Балкан.

Наместо гасот да се движи само по една воспоставена траса, целта е инфраструктурата да овозможи транспорт во повеќе насоки. На тој начин се зголемува флексибилноста на системот и се намалува ризикот од прекини поврзани со зависност од еден извор или една рута. За Македонија, приклучувањето значи и формално вклучување во процесот на поширока европска енергетска интеграција.

На приклучувањето му претходеа активности на македонските институции насочени кон обезбедување поддршка за вклучување на земјата во регионалната иницијатива. Божиновска за време на посетата на Вашингтон разговарала со претставници на американската администрација за регионалната енергетска поврзаност и диверзификацијата на снабдувањето. Паралелно, во Атина биле одржани разговори со претставници на земјите од регионот за проширување на коридорот кон Западен Балкан.

По одлуката за приклучување на НОМАГАС кон регионалната рамка за соработка, потпишувањето во Солун го означува формалното заокружување на процесот.

– Денес политичката одлука ја пренесуваме на терен. Следниот предизвик е инфраструктурата да биде изградена навреме и ефикасно, за придобивките од диверзификацијата да станат реалност за граѓаните и економијата – истакна Божиновска.

Со новите интерконекции, Македонија се обидува да ја промени својата досегашна позиција во регионалната гасна инфраструктура – од крајна точка кон потенцијална врска меѓу јужниот и централноевропскиот пазар.

Колку брзо оваа стратешка определба ќе се претвори во реална економска и енергетска придобивка, сепак, ќе зависи од темпото на изградбата на интерконекторите, достапноста на гас и условите на регионалниот пазар.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ