Претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико кое е на програмата ова лето можеби ќе биде со најмногу приказни што заслужуваат филмски минути.

Една од нив е секако приказната за 38-годишниот голман Џони Пласид, капитен и голман на националната репрезентација на Хаити.

Хаити изненадувачки ги помина квалификациите за КОНКАКАФ и стигна до Светското првенство, а ждрепката ги смести во група со Бразил, Шкотска и Мароко. Тоа ќе биде голем предизвик за оваа земја, чии жители барем малку ќе заборават на ужасните работи, криминалот и тешките услови за живот што владеат во Хаити.

Иако не е во друштвото „над 40“ со Един Џеко, Лука Модриќ и Кристијано Роналдо, Џони Пласид ќе биде еден од најстарите учесници на Светското првенство кога станува збор за фудбалерите. Тој има неверојатна кариера и животна приказна зад себе. Има собрано 79 настапи за Хаити, а почна да брани во 2011 година, откако одлучи да ја промени селекцијата бидејќи во младинските категории редовно бранеше за помладите француски селекции. Сепак, во повозрасните години, тој одлучи да брани за Хаити, од каде што се неговите родители.

Првите поголеми чекори во кариерата ги направи во дресот на Ле Авр, а потоа бранеше за Ремс, каде се појавија и првите проблеми. Во зимата 2017 година, го напушти Ремс и имаше долга пауза од шест месеци без клуб, па реши да ја заврши кариерата.

Сепак, неговата одлука брзо беше променета со повикот на Гингам, за кој бранеше една сезона, а потоа се пресели во англискиот Олдам Атлетик. Исто така, помина една сезона во Олдам кога ја прекина кариерата по втор пат и потоа се чинеше дека е завршена, но овој пат чекаше една година за да се врати и во 2019 година отиде во бугарскиот тим Царско Село преку еден од менаџерите кои соработуваа со клубови од Балканот. Остана во Бугарија две години, пред да се врати во Франција во 2021 година во тимот на Бастија, каде конечно се пронајде себеси и бранеше пет сезони за овој францускиот клуб.

Сите настани во Хаити исто така влијаеја врз него, па дури и добиваше закани со смрт откако ја заврши кариерата, поради тоа што „ја остава репрезентацијата на цедило“. Тој не е единствениот хаитски репрезентативец кој доживеал опасни моменти во својот живот.

Денес, Пласид е голман кој ќе ја круниса турбулентната, тешка кариера на најдобар можен начин, а тоа е со појавување со својата репрезентација на Светското првенство.

Иако прв голман на Хаити на некои натпревари беше помладиот 25-годишен Александар Пјер, голманот на Сошо, многу хаитски фанови веруваат дека Пласид ќе добие шанса барем на еден натпревар од Светското првенство да се збогува достоинствено, бидејќи неговата репрезентација и можеби неговата играчка кариера веројатно ќе завршат по овој планетарен собир.

ИЗДВОЕНИ