Премиерот Христијан Мицкоски ѝ понуди предвремени избори на опозицијата, но двете најголеми опозициски партии, СДСМ и ДУИ, се поделија околу нивното прифаќање. Лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, денеска категорично соопшти дека „нема да биде алиби за предвремените избори“, а од редовите на „интегративците“ на Али Ахмети побараа што побрзо „да се оди на избори“. Различните ставови од опозициските табори дојдоа откако првиот човек на Владата изјави дека позитивно ќе одговори на ставот на опозицијата дека се потребни предвремени избори. Пред денешната седница на Амбасадорскиот совет, тој рече дека имаат јасен одговор на таквото евентуално барање на опозицијата. Според него, граѓаните во моментов не бараат предвремени парламентарни избори, туку очекуваат продолжување на реформите.
– Граѓаните не сакаат избори. Граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада. Затоа направив споредба на почетокот – три спрема еден – на перформансите на оваа Влада во споредба со претходната влада. Ние, како коалиција, имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада четири години. Но, она што го кажав, ќе го потврдам, а тоа е доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира, ние нема да седиме на страна како кукавици, туку позитивно ќе одговориме на тоа барање и се разбира дека ќе ги победиме – изјави Мицкоски.
Ставот дека Владата треба да го заврши својот четиригодишен мандат, но и подготвеноста да се отиде на предвремени избори доколку тоа го бара опозицијата, првиот човек на Владата и досега неколкупати го кажувал. Но, во изминативе месеци, тој имаше и изјави во кои најавуваше предвремени избори. На почетокот на јуни, тој дури и кажа дека „парламентарни избори ќе се случат набрзо, најверојатно на пролет следната година“. Но, потоа изјавуваше дека се преферира завршувањето на редовниот мандат во 2028 година, постојано дополнувајќи дека е подготвен и за изборен предизвик, доколку тоа го побара опозицијата.
Во чиј двор е алибито за изборите?
Меѓутоа, по денешните одговори од таборите на двете најголеми опозициски партии, прашање е чиј став ќе биде релевантен за премиерот при одлуката дали да се закаже предвремено гласање на граѓаните. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, на партиската прес-конференција беше категоричен дека СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, но нема да биде алиби за нив.
– Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа ги интересира, ништо друго. Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно. Ако ме прашувате дали сме спремни, спремни сме со тим, спремни сме со добра програма – истакна Филипче.
Во текот на следниот месец, како што најави тој, партијата ќе го презентира и Мастер планот за Македонија, со конкретни чекори, ветувања и механизми преку кои граѓаните ќе можат да ја контролираат нивната реализација.
– Спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика Мастер план за Македонија. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во кои, ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми, да ги имплементираме тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата. Ете, тоа ќе биде нашиот план – рече Филипче.
Наспроти ова, од ДУИ соопштија дека ја поздравуваат подготвеноста на премиерот за ново гласање.
– Го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат. ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување. Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата. Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието. Да се определи датумот – нагласија „интегративците“.
Што со Изборниот законик?
Од таборот на опозициската Левица денеска не го соопштија својот став во однос на понудата на премиерот. Од оваа партија досега изјавуваа дека се потребни предвремени избори.
– Во случај каде што имаме сè повеќе работна несигурност, во случај каде што иако имаме нова власт, не е прекинато иселувањето на граѓаните, две години не може да се покачи минималната плата, не може да се случи ниту една суштинска реформа, нема казни за оние што претходно грешеле, туку има целосна амнестија и колаборација… Граѓаните на Македонија треба повторно да избираат изјави во мај, рече неодамна Амар Мециновиќ, партиски портпарол.
Очигледно, премиерот Мицкоски ќе треба да решава дали за распишување на изборите му е потребен консензус на трите најголеми опозициски партии или само барања на две од нив.
Од друга страна, прашањето е и дали на предвремените избори може да се оди со недонесениот нов Изборен законик. Познато е, неговото носење е блокирано поради ставот на СДСМ, кој не го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за воведување на електронското гласање на дијаспората. Венко Филипче денеска соопшти дека ќе го поддржат Законикот доколку се отстрани новината за електронско гласање на дијаспората и се вградат предлозите на ОБСЕ и ОДИХР. (Б. Ѓ.)












