петок, ноември 27, 2026
Дома БАЛКАН СТУДЕНТИТЕ ИЗБРАА КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СРБИЈА: Академикот и професор Радомир Саичиќ...

СТУДЕНТИТЕ ИЗБРАА КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СРБИЈА: Академикот и професор Радомир Саичиќ влегува во трката!

12
EPA/MARKO DJOKOVIC

Студентското движење во Србија го објави академикот Радомир Саичиќ како свој кандидат за претстојните претседателски избори. Саичиќ беше претставен на прес-конференција на групата граѓани „Студентите повторно победуваат“.

Тој изрази благодарност за укажаната доверба и порача дека ќе се залага за суверена Србија, почитување на Уставот, независни институции и враќање на достоинството на претседателската функција.

„Време е да му се врати достоинството на кабинетот на претседателот на Србија“, изјави Саичиќ, оценувајќи дека претседателската функција во изминатите години била користена за продлабочување на општествените поделби и дека биле надминати уставните овластувања.

Тој нагласи дека приоритет ќе му биде обновувањето на институциите и враќањето на довербата на граѓаните во Народното собрание, Владата и судството. Порача и дека како претседател ќе постапува во рамките на своите уставни надлежности и ќе бара одговорност од сите носители на јавни функции.

Од студентското движење објаснија дека изборот на Саичиќ не бил случаен, туку резултат на долг процес на размислување и дијалог. Како клучни критериуми ги посочиле неговиот однос кон институциите, слободите и општествената одговорност.

Радомир Саичиќ е редовен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) и професор на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград. Тој е доктор по хемиски науки, автор на повеќе од 80 научни трудови, а на последните парламентарни избори беше дел од студентската листа и стана пратеник во српското Собрание.

ИЗДВОЕНИ