Дресот на Мајкл Џордан од НБА-финалето во 1998 година беше продаден за неверојатни 12,26 милиони долари, со што е поставен нов рекорд за најскап колекционерски НБА-дрес. Дресот беше понуден на аукција преку платформата „Џупитер“, основана од музичарот Фарел Вилијамс.

Со оваа сума е надминат претходниот рекорд од 10,1 милиони долари, исто така за дрес на Џордан од финалната серија против „Јута џез“. Станува збор за историскиот период познат како „Последниот танц“, кога Џордан ја предводеше последната шампионска генерација на Чикаго булс.

Во натпреварот во кој го носел дресот, Џордан постигнал 24 поени и им помогнал на Булс да поведат со 2-1 во серијата. Финалето во 1998 година беше негово шесто и последно учество во битката за титулата.

Џордан ја освои и својата шеста шампионска титула, а дресот денес стана еден од најскапите спортски сувенири во историјата.

ИЗДВОЕНИ