Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пред Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека „се заколнал“ оти ќе го спречи „убиственото, диктаторско раководство“ на Иран да развива атомски бомби и нуклеарно оружје што би можело да се употреби против Израел.
Веднаш откако Нетанјаху излезе на говорницата, десетици дипломати ја напуштија салата на Генералното собрание; подоцна тој ги нарече „морални кукавици“.
Зборувајќи за Иран, тој рече дека уништувањето на иранските нуклеарни капацитети било тешко, но истакна дека тоа било „една од најлесните одлуки“ што некогаш ги донел како премиер.
„Да не го сторевме тоа, сите ќе бевме мртви“, смета Нетанјаху.
Одговарајќи на обраќањето пред Генералното собрание на ОН од страна на сирискиот претставник Ахмад ал-Шара – кој ги повика израелските сили да се повлечат од Голанската Висорамнина во Сирија – Нетанјаху рече дека Шара „треба да знае“ оти „еврејскиот народ е присутен на Голанската Висорамнина уште од времето на Мојсеј“, додавајќи дека Израел нема да се повлече од таа територија.
Според него, Израел е обвинуван за колонијализам од земји како Франција и Обединетото Кралство – нации кои, како што рече тој, го измислиле тој термин.
Тој ги повтори тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека американската и израелската војска ја уништиле иранската војска и го опиша Трамп како најдобар партнер на Израел. Тој изјави дека Израел води војна „на седум фронта“ – против Хамас, Хезболах, Хутите и Иран, како и против групи во Ирак, Сирија и Палестина.
Зборувајќи за Хезболах и Хамас, тој извади пејџер и праша: „Дали се сеќавате на ова? „Хамас“ сигурно се сеќава“, алудирајќи на израелската операција од 2024 година во која илјадници пејџери експлодираа истовремено во Либан, при што загинаа девет лица, а околу 3.000 беа ранети.
Тој ги отфрли обвинувањата дека Израел извршил геноцид во Појасот Газа, наведувајќи дека оние што упатуваат такви обвинувања – вклучително и членот на Градскиот совет на Њујорк, Зоран Мамдани – треба да се срамат од себе. Нетанјаху тврдеше дека на окупираниот Западен Брег, „само неколкумина млади престапници – околу 150 од нив“ – вршат насилство, како што се фрлање камења или сечење маслинови дрвја.
„Повремено подметнуваат пожари“, рече Нетанјаху, истакнувајќи дека не го одобрува таквото однесување.
Тој ги минимизираше извештаите за жртви на окупираниот Западен Брег.
„Бројот на загинати во изминатата година или две е околу двајца или тројца луѓе, во споредба со илјадници терористички напади врз мирни доселеници – чесни луѓе кои ги почитуваат законите“, изјави израелскиот лидер.
Нетанјаху го опиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како тиранин и ја нарече Турција „најновата земја што стана супер-ширител на антисемитски лаги“.
Тој исто така тврдеше дека Ердоган има намера да ја преземе Сирија. – Тоа не претставува изненадување, бидејќи тој речиси секојдневно повикува на уништување на Израел и вели дека ќе владее со Ерусалим. Не, господине, нема да владеете, рече Нетанјаху, пренесе „Танјуг“.
Room empties out at the UN as Netanyahu begins his speech. https://t.co/plGg9wDRQ7
— Acyn (@Acyn) September 24, 2026












