Палестинскиот претседател Махмуд Абас вечерва ги потврди плановите за одржување парламентарни избори на 28 ноември – први такви избори по 20 години – и покрај сериозните сомнежи во земјата дали тие навистина ќе се одржат, пренесе „Ројтерс“.
Во претходно снимено видео-обраќање на Генералната дебата на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, Абас (90) ги осуди ограничувањата што САД ги воведоа за палестинската делегација во однос на пристапот до седиштето на ОН, опишувајќи ги како кршење на обврските на Вашингтон како земја-домаќин.
„Ја завршивме националната програма за реформи на која се обврзавме пред нашиот народ и меѓународната заедница“, рече Абас во своето обраќање од Рамала, на Западниот Брег окупиран од Израел.
Абас, кој изјави дека се движат „кон парламентарни избори на 28 ноември оваа година“, е под притисок од САД да спроведе реформи насочени кон решавање на прашањата поврзани со корупцијата и управувањето.
Американските власти сметаат дека Абас сè уште го нема сторено тоа.
Палестинците немаат одржано парламентарни или претседателски избори уште од периодот 2005–2006 година, по што ривалот на Абас, исламистичката група Хамас, ја презеде контролата врз Газа и ги потисна неговите поддржувачи.
Абас претходно оваа година одлучи претседателските избори да се одржат во 2027 година, но сè уште нема одредено точен датум, пренесе „Бета“.












