Повредата на Лука Дончиќ, очигледно, не е наивна со оглед на најновите информации што пристигнаа од САД. Неговото закрепнување не оди со посакуваното темпо и враќањето на теренот е сè уште неизвесно.

Според новинарот на ЕСПН, Дејв Мекменамин, словенечката суперѕвезда сè уште не започнала со тренинг со полн интензитет откако ја истегна тетивата, а тоа практично значи дека сè уште не е подготвена да се врати во натпреварувачки ритам.

За потсетување, Словенецот доживеа непријатна повреда на тетивата непосредно пред почетокот на плејофот и првичните прогнози беа доста песимистички. За да го забрза закрепнувањето, со одобрение од клубот, тој веднаш го напушти Лос Анџелес и замина за Мадрид, каде што работеше со познатиот експерт Самуел Кастиља, поранешен фитнес-тренер на Реал Мадрид. Во текот на престојот, тој прими терапија и инјекции во повредениот дел од ногата. По враќањето од Европа, се шпекулираше дека би можел да се врати во текот на првото коло од плејофот, но сега е јасно дека нема да го видиме тоа сценарио.

Покрај Дончиќ, надвор од ростерот е и Остин Ривс, но тоа не се чувствува во редовите на Лејкерс, бидејќи води во серијата против Хјустон со 3:1 во победи. Петтиот, можеби и последен натпревар (се игра до четири победи) ќе се одигра в среда, во Лос Анџелес.

ИЗДВОЕНИ