среда, јули 29, 2026
Дома БАЛКАН Драма на Дунав: Се насука крузер поради нискиот водостој, уште 15 бродови...

Драма на Дунав: Се насука крузер поради нискиот водостој, уште 15 бродови заробени во соседството/ВИДЕО

0
Фото: X V.L.Sorrell, MD (@CASEfromASE EIC)

Сите 186 патници на крузерот што се насука на реката Дунав во вторник, околу 25 км над Видин, се евакуирани, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи.

Покрај „Викинг Улура“, кој пловеше под швајцарско знаме, околу 15 други бродови останаа заглавени на унгарскиот дел од Дунав, додека повеќето товарни бродови ја прекинаа пловидбата поради рекордно ниско ниво на водата, објави унгарското Министерство за транспорт.

Инаку, патничкиот крузер со швајцарско знаме се насука во вторник вечерта на Дунав, во близина на градот Салција на границата меѓу Бугарија и Романија. На бродот има 186 патници и 52 членови на екипажот, а според првичните информации, несреќата е предизвикана од екстремно ниско ниво на водата на реката и намалена видливост.

Бугарското Министерство за внатрешни работи објави дека евакуацијата на патниците од заглавениот брод започнала во вторник доцна попладне, пишува Digi24.ro.

Според бугарските власти, ситуацијата била дополнително комплицирана од фактот дека бродот останал без вода за пиење, поради што било одлучено патниците да се префрлат на безбедно место што е можно поскоро.

Агентот на бродот се обидел да организира превоз со ангажирање на друг брод за да ги собере патниците, но поради плиткото ниво на водата, не можел да се приближи доволно до заглавениот крузер.

За да се избегне каков било ризик по здравјето и безбедноста на патниците, бугарските власти одлучија да ја извршат евакуацијата со помош на чамец од бродската база на граничната полиција во Видин.

Се очекува операцијата за спасување да заврши во текот на денешниот ден.

Причината за насукањето сè уште се утврдува, но властите нагласуваат дека многу ниското ниво на водата на Дунав и лошата видливост, што ја отежнуваше пловидбата, одиграа одлучувачка улога.

ИЗДВОЕНИ