Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 17 април во 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Дозимери“ од Драган Верговски-Алпи. Пред љубителите на уметноста ќе бидат изложени 30 дела работени на картон и на алуминиумски лим, на кои се пренесени најразлични мотиви: крстови, пејзажи, Кочанското Поле…
– Циклусот го работев одеднаш, како да претчувствував голема трагедија. И потоа се случи трагедијата во Кочани. По 20 часа дневно творев додека работев на конзервација на мозаикот од Чемерски – вели авторот Драган Верговски-Алпи.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Драган Верговски-Алпи е советник конзерватор. Завршил средно уметничко училиште, Педагошка академија кај проф. Борко Лазески, а Факултетот за ликовна уметност во Скопје кај проф. Димитар Кондовски. Самостојно изложува од 1968 година, со изложбата на младинска работа акција во Нов Белград. Има реализирано бројни самостојни и групни изложби. Работи и икони.
Низ своето долгогодишно работно искуство како советник конзерватор за мозаици на Конзерваторскиот центар во Скопје, има дадено голем придонес во зачувувањето на македонското културно наследство. Како експерт од областа на конзерваторско-рестравраторските проблеми на мозаичното и штафелајното сликарство, работи на изготвувањето и на реализирањето многу проекти во земјава. Со тоа се здобива со значајно искуство во решавањето на конзерваторско-рестарваторските проблеми и разновидноста на материјалите во областа на сликарските техники: масло на платно, икони, масло на картон, темперна техника, акрилна техника, комбинирана техника, фрескосликарство, мозаик, објекти и скулптури.












