Активната компонента на популарниот зачин куркума, позната како куркумин, се покажа како опасна за 69-годишен маж кој заврши во болница со пукнато жолчно ќесе поради прекумерна консумација.
Антивоспалителниот куркумин е поврзан со разни здравствени придобивки – од контрола на дијабетес до лекување на артритис. Овие моќни ефекти го претворија куркуминот во популарен додаток што го консумираат голем број луѓе денес, пишува „Експрес“.
И покрај нејзината популарност, куркумата не треба да се претерува со употреба, а експертите предупредуваат дека треба да се зема со претпазливост.
Ова е поткрепено од претходно споменатиот случај, кој беше детално опишан во Американскиот журнал за медицински извештаи за случаи.
Според извештајот, 69-годишен маж завршил во одделот за итни случаи по три дена многу силна болка во стомакот и градите, со треска и потење. Болката што ја опишал се проширила на горниот дел од грбот. Додека лекарите ги прегледувале неговите бели дробови и кардиоваскуларниот систем, не можеле да го пронајдат виновникот за овие проблеми. Но, скенирањето на градите покажало дека неговото жолчно кесе пукнало и дека има жолчни камења. Иако најчестите причини за руптура на жолчното ќесе се жолчните камења и холециститисот, истражувачите веруваат дека додатоците на куркумин, исто така, одиграле голема улога во случајот на овој пациент.
Пациентот земал дневна доза од 1.500 до 2.000 милиграми куркумин во текот на четири месеци. Како што објасниле лекарите, популарниот додаток не се препорачува за луѓе со жолчни камења бидејќи куркумата може да ја зголеми способноста на жолчното ќесе да ослободува жолчка во жолчните канали.