Лука Дончиќ важи за еден од најдобрите кошаркари во НБА-лигата во моментов, но надвор од теренот е во сериозни проблеми. Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс и неговата долгогодишна свршеница, Анамарија Голтес, тргнаа по различни патишта, а кошаркарската ѕвезда сега се бори за старателство над нивните две ќерки, потврди тој за „ЕСПН“. Во исто време, Анамарија Голтес, мајката на неговите две деца, поднесе барање за алиментација. Според „ТМС“, Голтес во моментов не бара целосно старателство, туку само алиментација и судски трошоци.
Извори блиски до Дончиќ тврдат дека тој „немал поим“ за поднесувањето барање во Калифорнија, каде што едната ќерка поминала само три месеци минатата пролет, додека другата никогаш не била во таа држава. Истите извори додаваат дека Дончиќ, кој потпишал тригодишно продолжување на договорот од 165 милиони долари во август, отсекогаш се грижел за семејството финансиски и „без ограничување“ ги покривал сите трошоци на своите ќерки.
Во официјално соопштение доставено до медиумите во вторник, Дончиќ ја објасни својата страна од приказната.
- Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и направив сè што можев за да бидат со мене во САД во текот на сезоната, но тоа не беше можно, па затоа неодамна донесов тешка одлука да ја прекинам мојата свршувачка. Сè што правам е за среќа на моите ќерки и секогаш ќе се борам да бидам со нив и да им го дадам најдобриот можен живот, порача Дончиќ.
Дончиќ (27) и Голтес, инфлуенсерка за мода и фитнес, се познаваат уште од детството и се во врска од 2016 година. Тие се свршија во јули 2023 година, а нивната прва ќерка, Габриела, ја добија во ноември истата година, додека Дончиќ сè уште играше за Далас Маверикс.
Нивното второ дете, ќерката Оливија, се роди во декември во Словенија, неколку месеци откако тој се приклучи на Лејкерси. Проблемите во врската станаа јавни кога Голтес ги избриша сите нејзини фотографии со словенечкиот кошаркар од својот профил на „Инстаграм“ минатата недела, што предизвика бројни шпекулации.
Клучниот момент се случи во декември, кога Дончиќ отпатува во Словенија за да присуствува на раѓањето на неговата помлада ќерка, поради што пропушти два натпревари на Лејкерси. Според изворите, Дончиќ сакал да ја земе својата постара ќерка, Габриела, назад во САД со себе, но по несогласување со неговата тогашна свршеница Голтес, таа повикала полицијата за мирно да ја напушти породилната болница во Крањ.
Полицијата ги испрашала двете страни и во официјален извештај, кој го видела „ЕСПН“, навела дека „не се утврдени елементи на кривично дело или прекршок“ од страна на Дончиќ. Дончиќ се вратил во САД истиот ден и, тврдат изворите, оттогаш не ги видел ниту своите ќерки ниту Голтес.
Кон крајот на февруари, Дончиќ поднесе барање за привремена забрана до словенечките судови за воспоставување итен контакт со своите ќерки, кои ги видел само два дена од почетокот на сезоната.
И покрај личните проблеми, 27-годишниот Словенец ја игра својата сезона во кариерата. Во својата прва целосна сезона со Лејкерси, Дончиќ е водечки стрелец во лигата со просек од 32,5 поени, на што додава и 8,4 асистенции и 7,8 скока по натпревар.











