Соиграчот на Лука Дончиќ од Лос Анџелес лејкерс, Џексон Хејс, доби словенечки пасош и ќе може да игра за оваа репрезентација. Американецот ќе му се придружи на Дончиќ во квалификациите за Светското првенство во 2027 година.
- Да, го добив пасошот. Лука постојано ме нарекува свој словенечки брат – рече центарот Хејс, кој во октомври откри дека аплицирал за словенечко државјанство.
Тој додаде дека сè уште не го зборува јазикот на својата нова репрезентација.
- Не знам ниту еден збор. Па… всушност, знам некои, но не можам да ги кажам пред вас – се пошегува Хејс.
Хејс е 25-годишен центар, висок 213 сантиметри, кој е роден во Норман, Оклахома. Тој беше избран како осми избор на драфтот во 2019 година. Оваа сезона има просек од 7,5 поени и 4,5 скока за 18,3 минути на натпревар за Лејкерс.











