Високиот УВ индекс значително го зголемува ризикот од изгореници, а дерматолозите предупредуваат дека кожата го „памети“ секое прекумерно изложување на сонце.
Примариус д-р Биљана Ќертиќ, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, за РТС предупредува дека сончевите изгореници можат да остават долгорочни последици, особено при често и продолжено изложување на сончевите зраци.
Според неа, заштитниот фактор е важен, но не значи дека може неограничено да се останува на сонце. Најважно е изложувањето да биде умерено и да се избегнува сонцето во периодите кога УВ-зрачењето е најсилно.
Ако сепак дојде до изгореница, првиот чекор е веднаш да се прекине изложувањето на сонце и кожата да се разладува.
Кај полесните изгореници, со црвенило, печење и болка, се препорачува престој во сенка, внесување доволно течности и разладување на кожата со туш или ладни облоги.
Докторката особено предупредува да не се користат домашни „лекови“ како јогурт, кисело млеко, масла или разни мелеми, бидејќи тие не се решение за изгорената кожа. Наместо тоа, најважно е внимателното ладење.
Лекарска помош треба да се побара ако изгорениците зафаќаат голема површина или се појават пликови, покачена температура, треска и силна слабост.
Најдобра заштита, сепак, останува превенцијата – избегнување долго изложување на директно сонце, особено при многу висок УВ индекс, користење заштитен фактор и заштитна облека.












