Со жестоки обвинувања и квалификации, опозициската партија ДУИ и коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, реагираа денеска против одлуката на Уставниот суд, кој отфрли повеќе иницијативи со кои беше оспорен проектот „Безбеден град“. Партиите на Албанците во земјава реагираат најмногу против ставот на Судот, кој со мнозинство гласови реши дека не е спорно неупотребувањето на албанскиот јазик во комуникацијата на МВР со граѓаните, исто како и другите наводи во иницијативите. Наспроти ова, од редовите на овие партиски групации се наведува дека судиите морале да донесат одлука со која ќе мора да се користи и албанскиот јазик.
На удар на интегративците особено се најде претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
– Неговите изјави во врска со проектот „Безбеден град“, според кои треба да се испраќаат СМС-пораките само на македонски јазик, а можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик, претставуваат отворен акт на дискриминација и сериозно кршење на духот и на самиот Устав на државата. Бараме итна оставка од Костадиновски и од секој судија што ги дели истите дискриминаторски ставови во изминатите две години, преку мајоризација – се потенцира во партиското соопштение..
Според оваа партија, Костадиновски, со своето однесување, претставува класичен пример на партиски војник што е подготвен, како што наведуваат, да запали цела држава за тесни, лични интереси. Се додава дека за овие антиуставни и незаконски постапки, покрај Костадиновски и Уставниот суд, одговорна е и коалицијата „Вреди“, која, иако е дел од власта, е без сила и без глас.
– Запомнете, Костадиновски, ќе одговарате за овие постапки – порано или подоцна, но ќе одговарате – остро порачаа од ДУИ.
Паралелно со ова, од коалицијата „Вреди“ наведоа дека морала да се обезбеди употребата на албанскиот јазик.
– Не можеме да избегаме од впечатокот дека овој состав на Уставниот суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца. Употребата на албанскиот јазик е основно човеково право, кое е една од темелните вредности на Уставот. Државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата да биде известуван на својот мајчин јазик, вклучително и за обврските што си ги наметнал заради своето поведение. „Вреди“ го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до неговото целосно спроведување и без никаква дилема – се потенцира во соопштението. (Б. Ѓ.)












