петок, септември 4, 2026
Дома МАГАЗИН Не, ова не е „Трут соушал“: Видео игри се појавуваат на веб-страницата...

Не, ова не е „Трут соушал“: Видео игри се појавуваат на веб-страницата на Белата куќа – играчите депортираат мигранти

0
Фото:принтскрин, Бела куќа

Белата куќа промовираше веб-страница со ретро аркадни игри во кои играчите фаќаат мигранти и градат граничен ѕид. Пет класични компјутерски игри се адаптирани за програмата Make America Great Again (MAGA) и објавени на официјалната веб-страница на Белата куќа, пишува „Телеграф“.

Верзија на легендарната игра „Змија“ се вика „Рио ран“ (Rio Run), а во неа дигиталниот лик на граничниот комисионер Том Хоман лови мигранти по реката Рио Гранде. Мигрантите се прикажани како членови на различни етнички групи. Откако играчот ќе ги фати, тие се појавуваат во портокалови комбинезони, а играта брои колку се депортирани.

Популарната игра „Тетрис“ е преработена во „Изгради го ѕидот“ (Build The Wall), која ги охрабрува играчите да ја „заштитат границата од претстојната орда“ со редење блокови што паѓаат.

Други наслови вклучуваат „Трамп штедилнички тајкун“, игра каде што играчите собираат пари летајќи низ воздухот за да ги надополнат сметките на Трамп на своите деца, што е референца на планот за штедење кој нуди 1.000 долари за секое дете родено за време на претседателствувањето на Доналд Трамп.

Исто така, постои и „Линија на залихи“, игра во која играчите ги сортираат здравите од нездравите јадења за училишни оброци за да ги исполнат стандардите „Направи Америка здрава повторно“, и верзија на „Флапи берд“ во која белоглав орел лета над Националниот мол во Вашингтон.

Официјалниот профил на Белата куќа на платформата „Икс“ објави промотивно видео во кое логото на MAGA е стилизирано да личи на логото на фирмата „Сега“. Описот на објавата гласи: „Победничката низа не запира. Изградете го ѕидот. Депортирајте. Надополнете ја сметката на Трамп.“ Игрите веднаш предизвикаа остри критики од демократските политичари.

Сенаторот од Конектикат, Мет Лесер, рече: „Цената на маслото за греење е близу рекордно високо ниво, но еј, можете да играте видео игра со Том Хоман.“ Демократската претставничка од Тексас, Џесика Гонзалез, напиша: „Белата куќа на Трамп буквално прави видео игри на владини веб-страници, наместо да прави нешто за да се справи со кризата со трошоците за живот во Америка“.

Адријана Џасо, координатор на програмата за волонтерска група што работи на границата, верува дека аркадните игри покажуваат фундаментален недостаток на сериозност од страна на Белата куќа. „Суровоста и екстремизмот на оваа администрација повеќе не нè изненадуваат. Ова прикажува сериозен проблем како да е игра, што не е“, рече Џасо.

Белата куќа во соопштението изјави дека администрацијата е „максимално фокусирана на иновативни начини за прикажување на многуте достигнувања на претседателот на начин што ќе допре до секој Американец“. Во соопштението се додава дека ова е „обид дополнително да се нагласи разликата помеѓу културата на забава и мрачната социјалистичка визија што ја имаат демократите за Америка“.

ИЗДВОЕНИ