Долги редици се формираат на грчкиот граничен премин кај Евзони од рано наутро, а илјадници патници се соочуваат со застои што траат неколку часа поради целосната имплементација на новиот дигитален биометриски систем за контрола на Европската Унија, објавија денес грчките медиуми.
Застоите за патничките возила достигнуваат околу два часа, додека патниците во туристичките и редовните автобуси чекаат повеќе од пет часа, што предизвикува големи проблеми при влегување во Грција, објавува „Прототема“.
Меѓу патниците има бројни семејства и туристи кои патуваат во популарните одморалишта во северна Грција, како што се Халкидики, Кавала и Пиерија, пред првиот голем бран патувања на море оваа сезона.
Поради зголемениот прилив на возила, се очекува толпите и подолгите задржувања на преминот Евзони да траат во текот на целиот викенд.
Доцнењата се директно поврзани со имплементацијата на новиот Систем за влез/излез на Европската Унија (ЕСЕ), кој предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани на трети земји при влегување и излегување од земјите-членки на ЕУ за престој до 90 дена, според грчкиот портал.
Според европските институции, целта на новиот систем е зајакнување на безбедноста во Шенген зоната, поефикасно управување со надворешните граници, спречување на нелегалната миграција и забрзување на граничните процедури на долг рок, пренесува „Танјуг“.
Во четвртокот, заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Константинос Гулекас, одржал состанок посветен на состојбата на граничните премини Евзони и Кипи, при што биле разгледани можности за забрзување на контролите преку дополнително зајакнување на информатичките системи и воведување привремени технички решенија.
Министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, изјави дека земјата е обврзана да ја спроведува европската регулатива, посочувајќи дека Европската комисија инсистира на целосна примена на новиот систем. Тој додаде дека добил поплаки од колегите од Северна Македонија и Србија во врска со проблемите што ги предизвикува новиот режим на проверки.
Според Хрисохоидис, предизвиците се поврзани и со самата биометриска регистрација и со ограничувањата на постојната гранична инфраструктура во Грција.












