петок, јули 17, 2026
Дома СВЕТ Доаѓа нова ера на компјутери, највредната компанија во светот вградува „мозок со...

Доаѓа нова ера на компјутери, највредната компанија во светот вградува „мозок со вештачка интелигенција“ во компјутерите

604
EPA/RITCHIE B. TONGO

Американската технолошка компанија „Ендивија“ (Nvidia) претстави нов чип за персонални компјутери, влегувајќи на потрошувачкиот пазар на уреди интегрирани со технологија на вештачка интелигенција (ВИ).

„Оваа трансформација на компјутерот е исто толку значајна како и трансформацијата на мобилниот телефон во она што денес го знаеме како паметен телефон“, рече извршниот директор на компанијата, Јенсен Хуанг, претставувајќи го новиот чип RTX Spark.

Хуанг го најави новиот чип за време на неговиот воведен говор пред денешното отворање на саемот за технологија Computex во Тајпеј, Тајван.

Во исто време, Соединетите Американски Држави (САД) дополнително ги заострија правилата за продажба на најнапредните чипови на Nvidia на кинеските компании.

Nvidia на својата веб-страница наведе дека RTX Spark е нов суперчип за ерата на лични агенти на ВИ, кој носи нова генерација компјутери и ја менува нивната улога „од алатки во соработници“. Новиот чип ќе биде вграден во нова линија компјутери базирани на Windows произведени од ASUS, Dell Technologies, HP Inc., Lenovo, Microsoft и MSI.

Се очекува моделите да се појават на пазарот оваа есен, а подоцна ќе следат компјутери од Acer и Gigabyte Technology.

Овој потег ја става Nvidia во директна конкуренција со водечките имиња на пазарот на персонални компјутери, како што се Apple и Intel.

Брзиот развој и популарноста на вештачката интелигенција ѝ помогнаа на Nvidia да стане највредната компанија во светот, со пазарна вредност од повеќе од пет трилиони американски долари.

Министерството за трговија на САД вчера презеде чекори за затворање на потенцијална законска дупка што можеше да дозволи извоз на најсовремени технологии за вештачка интелигенција, вклучувајќи ги и процесорите Blackwell на Nvidia, до подружници на кинески компании регистрирани надвор од Кина.

Вашингтон долго време се обидува да ги спречи кинеските компании да купуваат напредни компјутерски чипови потребни за развој на клучни технологии за вештачка интелигенција, пренесува Би-Би-Си.

ИЗДВОЕНИ