Во Европа, моментално недостигаат повеќе од 502.000 професионални возачи, а дури 65 проценти од транспортните компании го посочуваат недостигот на кадар како најголем предизвик. ИРУ предупредува дека проблемот добива глобални размери. До крајот на деценијата, поради масовното пензионирање, состојбата дополнително ќе се влошува. ИРУ повикува на мерки за привлекување млади луѓе и жени во професијата
Европа се соочува со сериозен и сè поизразен недостиг од професионални возачи, кој според најновите анализи на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) прераснува во долгорочен структурен проблем на транспортната индустрија. Во моментов, на европскиот пазар недостигаат повеќе од 502.000 професионални возачи, а до 2030 година се очекува уште околу 660.000 да заминат во пензија, што дополнително ќе го продлабочи јазот меѓу понудата и побарувачката на квалификуван кадар.
Според податоците на ИРУ, недостигот на професионални возачи во Европа достигнал околу 13 проценти, а дури 65 проценти од транспортните компании го посочуваат како најголем предизвик во своето работење. Најпогодени се малите и средните транспортни компании, кои сè потешко успеваат да ги привлечат и да ги задржат квалификуваните возачи.
Проблемот, сепак, не е ограничен само на Европа. ИРУ предупредува дека недостигот на возачи на товарни возила, автобуси и на туристички автобуси претставува глобална криза, при што повеќе од половина од транспортните оператори во светот имаат сериозни тешкотии при вработувањето квалификувани професионални возачи.
Во моментов, во светот недостигаат повеќе од 3,6 милиони возачи на товарни возила, а демографските показатели дополнително ја влошуваат состојбата. Само 6,5 проценти од професионалните возачи се помлади од 25 години, додека речиси една третина се постари од 55 години. Во следните пет години, се очекува повеќе од 3,4 милиони возачи да заминат во пензија.
Дополнителен предизвик претставува и ниската застапеност на жените во професијата. Според ИРУ, во повеќето земји жените сочинуваат помалку од 7 проценти од возачите на товарни возила, што укажува на значителен неискористен потенцијал за ублажување на недостигот од работна сила.
Недостигот е особено изразен и во секторот на автобускиот превоз. Само во периодот од 2022 до 2023 година бројот на непополнети работни места за возачи на автобуси и на туристички автобуси во Европа се зголемил за 54 проценти. Истовремено, помалку од 3 проценти од возачите се помлади од 25 години, повеќе од 40 проценти се постари од 55 години, а жените учествуваат со само 16 проценти во оваа професија.
Експертите од ИРУ предупредуваат дека без координирани мерки, недостигот на професионални возачи може сериозно да влијае врз транспортните капацитети, синџирите на снабдување и економската стабилност. Како можни решенија се посочуваат намалување на трошоците за стекнување возачка дозвола и професионални квалификации, олеснување на пристапот на младите до професијата, подобрување на условите за работа, изградба на повеќе безбедни и современо опремени паркинзи и одморишта, намалување на долгото задржување на граничните премини и унапредување на имиџот на професијата со цел да се привлечат повеќе млади луѓе и жени во секторот.
(С. Бл.)












