петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дневен центар за активно стареење за повозрасните охриѓани

Дневен центар за активно стареење за повозрасните охриѓани

2

Во Охрид е отворен Дневен центар за стари лица со активно стареење, простор наменет за дружење, рекреативни и едукативни активности, како и за намалување на осаменоста и социјалната изолација на повозрасните лица.

Дневниот центар располага со соба за дневен престој, кујна, три тоалети и со простории за рекреација и за стручните тимови. Отворен е од 8:00 до 16:00 часот, а за секој ден од неделата се предвидени различни содржини од спортски, рекреативен, културен и од социјален карактер.

– Новиот Дневен центар е замислен како место каде што нашите повозрасни сограѓани ќе може да се дружат, да учествуваат во разни рекреативни и едукативни активности, да добиваат соодветна поддршка и, најважно од сè, да не се чувствуваат осамено – изјави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Тој оцени дека отворањето на Центарот е важен чекор во создавањето похумано и грижливо општество.

– Нашите постари сограѓани го градеа Охрид, ги воспитуваа генерациите пред нас и со својот труд го дадоа темелот на сето она што го имаме денес. Затоа наша должност и морална обврска е да им обезбедиме достоинствени услови, исполнети денови, почит и грижа какви што заслужуваат – истакна  Пецаков.

Најави дека Општина Охрид и во иднина ќе продолжи да вложува во социјалните услуги и проекти што директно го подобруваат квалитетот на животот на сите генерации.

Како што  информираа од Општина Охрид, Центарот во моментов го посетуваат триесетина корисници и во него ќе се реализираат различни активности за поттикнување на физичката и на менталната активност, зачувување и развивање на индивидуалните способности, стекнување нови знаења и меѓусебно дружење и солидарност. Исто така, се предвидени и активности за активно учество на старите лица во животот на локалната заедница, како и меѓугенерациска соработка и поврзување на различни генерации.

Станува збор за проект реализиран од Општина Охрид, Светската банка и од Министерството за социјална политика, демографија и млади, а носител на проектот е Здружението на граѓани ВОПС.

Пецаков информира дека Светската банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедиле 1.250.919 денари за овој Центар, додека Општина Охрид, како кофинансиер, учествувала со 438 илјади денари. Просторот е во сопственост на Општина Охрид, која ги презема и трошоците за месечните комунални сметки, а обезбедено е и патничко комбе за превоз на корисниците.

ИЗДВОЕНИ