Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, се огласи по повод информациите за нејзина комуникација со лице обвинето во случајот „Адитив“, нагласувајќи дека разговорите немале никаква поврзаност со предметот. Таа појасни дека се работело за пријателска комуникација, која се одвивала пред започнувањето на официјалната постапка и пред изрекувањето мерка притвор за обвинетиот. Според Димовска, споделените содржини биле од јавен карактер и немале допирна точка со какви било коруптивни дејства.
„Мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот ‘Адитив’, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство“, децидна е Димитровска. Како претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), таа нагласува дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Таа изразува жалење и укажува дека комуникацијата е направена без никаква намера да влијае на постапката или на кој било аспект на истрагата.
„Ова го тврдам одговорно“, вели Димитровска, порачувајќи дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и очекува брза и транспарентна разрешница на настанот.
„Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам д тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, вели таа.
Членовите на ДКСК не се инволвирани во случајот
Димитровска притоа бара да се почитува принципот на презумпција на невиност. „Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат“, порачува првата антикорупционерка.
Според неа, останатите шест члена на ДКСК немаат никаква поврзаност со делото за коешто е осомничена.