Тимот „Сејф трејс“, составен од три 17-годишни средношколки, го освои првото место на хакатонот „Ши сејф онлајн“ во Скопје, со иновативно решение базирано на вештачката интелигенција. Нивната платформа „Дигитален чувар“ ги анализира јавно достапните информации и предупредува колку лесно може дигиталните траги да откријат чувствителни лични податоци. На хакатонот учествуваа седум тима, кои во рок од 36 часа развиваа технолошки решенија за заштита на жените и на девојките од дигитално насилство
Тимот „Сејф трејс“, составен од три 17-годишни ученички: Бисера Дрндар, Ана Костуранова-Денковски и Мија Костуранова-Денковски, ги освои првото место и наградата од 500 евра на хакатонот „Ши сејф онлајн“ што се одржа во Скопје. Нивното решение „Дигитален чувар“ е платформа поддржана со вештачка интелигенција, која им помага на корисниците да го разберат и заштитат својот дигитален идентитет, анализирајќи ги јавно споделените информации и покажувајќи, преку интерактивна „Рипл меп“, како навидум безопасни објави може да откријат чувствителни детали. Жирито го прогласи решението за најдобро на настанот.
Второто место и наградата од 250 евра ги освои тимот „Крли бурито“, Мануела Наумовска и Тамара Нешовска, со прототипот „Сејф-вок“, апликација што им помага на жените да избираат побезбедни пешачки делници врз основа на податоците од заедницата, со поддршка на македонски, српски и на албански јазик.
– Импресионирани сме од зрелоста и од општествената свест на овие млади луѓе. Тие не решаваа апстрактни проблеми, тие развиваа технологија што одговара на реалните ризици со кои се соочуваат жените и девојките секој ден – изјавија организаторите.
Хакатонот „Ши сејф онлајн“, одржан во „Стартап клаб“ – Скопје, собра 20 млади иноватори на возраст од 17 до 25 години, од кои 95 % беа девојки, кои во текот на 36 часа развиваа технолошки решенија за заштита на жените и на девојките од дигиталното насилство. Сите седум тима ги презентираа своите решенија пред стручното жири на Демо деј, работејќи на три реални сценарија на родово базираното насилство и на онлајн ризикот: безбедна и скриена комуникација под дигитален надзор, итен и дискретен повик за помош на јавно место и препознавање на онлајн манипулацијата кај младите.
Учесниците работеа под менторство од професионалци во технологијата, социјалните иновации и поддршката на жртвите, а нивните решенија ги оценуваа специјалисти од АСТРА, ICT Hub Белград, Бизнис- импакт лаб, Технолошко-металуршкиот факултет и Отворена порта – Ла Страда Македонија.
Оваа активност е организирана од АСТРА – Акција против трговијата со луѓе и ICT Hub, во рамките на регионалната програма „ЕУ за родова еднаквост: економско зајакнување на жените и спречување на насилството врз жените“, финансирана од Европската Унија и заеднички спроведена од Ју-ен вимин и УНДП.












