
Платформата „Ко си бре ти“, на која граѓаните на Србија можат анонимно да пријават арогантно однесување на јавни службеници, корупција, злоупотреби и други незаконски дејства и нерегуларности, почна да работи вчера изутрина, а според српскиот претседател Александар Вучиќ, во првиот час пристигнале 23 пријави.
Во видео објавено на „Инстаграм“, Вучиќ рече дека целта на лансирањето на платформата, чиј иницијатор е тој, е да се покаже дека грижата за граѓаните е најважна. Според него, поплаките на граѓаните придонесуваат за поодговорно општество.
– Ние нема секогаш да можеме да одговориме на сè, но ќе се потрудиме да одговориме на речиси сè, или преку нашата реакција во јавноста, ако сакате да останете анонимни. Ако не, ќе се обидеме директно да ви одговориме. Ќе видите дека менуваме нешто, дека се подобруваме и дека, на крајот, се менуваме себеси и дека се однесуваме поодговорно, дека се однесуваме посериозно, истакна Вучиќ.
Во првите примени пријави, тој рече дека некои граѓани се жалеле на ротациите, некои на паркирањето, а некои на ароганцијата на градоначалникот, кој постојано им викал на оние што му се спротивставувале, односно што имале поинаков став и поинакво мислење.











