Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализирала интервенција за безбедно отстранување неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, што потекнува од Првата светска војна.
Од ДЗС информираат дека опасната граната била пронајдена во атарот на селото Пепелиште, општина Неготино.
– Поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Неготино, која обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак – истакнаа од ДЗС.
Оттаму упатија благодарност до ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка, а истовремено апелираа до граѓаните ако пронајдат и забележат сомнителни експлозивни средства, да не ги допираат и поместуваат, туку веднаш да ги пријават на единствениот повикувачки бесплатен број за итни случаи, 112.












