„Ајде да видиме дали можам да се одморам, затоа што веќе не можам да го поднесам ова семејство, веќе не можам да ја поднесам болката, не можам да го поднесам сето она што ме мачи во главата од она низ што поминав, рече Ноелија Кастиљо Рамос ден пред евтаназијата за телевизискиот канал „Антена 3“. Нејзиното право да умре достоинствено судски го оспоруваше нејзиниот татко, кој од една страна ја занемарувал, а од друга се спротивставувал на евтаназијата. Нејзиниот живот не бил лесен: родителите ѝ се разделиле кога имала 13 години, извесно време за неа се грижела државата, повеќепати била сексуално злоупотребувана, последниот пат од три момчиња, по што скокнала од петти кат и останала параплегичар, трпејќи големи болки
Животот на 25-годишната Шпанка, Ноелија Кастиљо Рамос, заврши во четвртокот, со евтаназија.
– Ајде да видиме дали можам да се одморам, затоа што веќе не можам да го поднесам ова семејство, веќе не можам да ја поднесам болката, не можам да го поднесам сето она што ме мачи во главата од она низ што поминав, рече таа ден претходно за телевизискиот канал „Антена 3“ од домот на нејзината баба, пренесе весникот „Ел паис“.
Оваа девојка со параплегија ја чекаше евтаназијата точно 601 ден, борејќи се низ судските лавиринти со својот татко, кој иако цел живот ја занемарувал, се спротивставил на нејзиното барање за асистирана смрт. Случајот на младата Ноелија е различен од кој било друг: ги откри недостатоците и слабостите на законот за евтаназија, предизвика дебата за тоа кој има право да спречува возрасен да ја спроведе својата одлука да умре со достоинство и го продолжи страдањето на младата жена која никогаш не се поколеба во својата одлука и која доби научна поддршка од независните професионалци од Каталонската комисија за гаранции и евалуација – ЦГАС, пишува „Елапис“.
Судијата во Барселона во четвртокот, во последен момент го отфрли барањето за итна мерка за запирање на евтаназијата на Ноелија, која требаше да добие асистирана смрт во 18 часот по локално време. Мерката беше побарана од ултракатоличката група „Христијански адвокати“, што го застапува нејзиниот татко и една и пол година стои зад правната битка за спречување на асистирана смрт на девојката, која страдаше од параплегија. Таа почина во четвртокот попладне, во установата за долготрајна нега „Сант Пере де Рибес“ во Барселона, каде што живееше, потврдија здравствени извори за „Ел паис“. Но, ако сè одеше според планот, Ноелија ќе починеше на 2 август 2024 година, датумот на кој првично беше закажана нејзината евтаназија. Еден месец претходно, младата жена од Барселона доби едногласно одобрение од јавната агенција одговорна за обезбедување правилно спроведување на асистирано умирање во североисточниот регион на Каталонија. Сè беше подготвено, кога наеднаш дојде наредба за запирање: судот во Барселона ја прифати петицијата од нејзиниот татко, Џеронимо Кастиљо, за привремено запирање на постапката. Освен него, и мајката и сестрата на Ноелија се спротивставија на нејзиното барање за асистирана смрт. Таа изјави дека кога првиот пат ги спомнала своите планови, татко ѝ се развикал.
– Ми рече дека немам срце, дека не мислам на другите, дека сè што кажувам е лага. Ме повреди, раскажа таа за „Антена 3“, истакнувајќи ја контрадикторноста на тоа дека сакал да ја одржи во живот, иако ја занемарувал. „Тој никогаш не ми се јавува, ниту ми пишува. Зошто ме сака жива, само за да ме држи во болница? Не се сите родители подготвени за ова. Тој постојано ми кажува дека ме разбира, но не ме разбира.“
Животот на Ноелија не бил лесен. Била занемарувана од родителите, кои се разделиле кога имала 13 години, по што некое време за неа се грижела каталонската влада. Подоцна, вели таа, претрпела разни инциденти на сексуална злоупотреба и напад, а последниот пат била групно силувана од три момчиња. Кратко потоа, во октомври 2022 година, се фрлила од петтиот кат на зграда по што станала параплегичар. Тогаш првпат побарала евтаназија, но нејзината петиција била одобрена дури во јули 2024 година, откако агенцијата на каталонската регионална влада утврдила дека таа е во „неповратна“ клиничка состојба што ѝ предизвикува „тешка зависност, хронична болка и исцрпувачко страдање“, со што ги исполнила условите утврдени со закон. Но, не одело сè според планот, па Ноелија морала да чека одлуки од дури пет различни судови пред да добие потврда. Оваа недела беше одбиен обидот постапката да се запре пред Европскиот суд за човекови права. Нејзиниот случај ќе остане запаметен по тоа што бил првиот во Шпанија што завршил на суд.
Евтаназијата во Шпанија е легализирана во 2021 година за пациенти со тешки и неизлечиви болести. До крајот на 2024 година, во таа земја се евтаназирани 1.100 луѓе.












