Со уметничка инспирација до конкретни политики започнува јавниот дијалог за одржливото управување со водата во сливот на реката Вардар и ќе трае шест месеци, со вклучување на граѓани, институции и на експерти

Годинашната порака на Обединетите нации за Светскиот ден на водите потсетува дека водата е темел на економскиот развој. Кога правично се управува со неа, таа создава нежности за сите.
Настанот за одбележување на Светскиот ден на водите во Скопје се одржа во рамките на Програмата за управување, користење и заштита на водите. Посетителите искусија уникатно доживување преку перформансот на Шарлот Кин, светски позната артистка, активистка за вода и основачка на „Meeting of Waters“, која живее и работи во Женева. Таа, преку исцртување боја на хартија, направи импресивно уметничко доживување, истражувајќи ја живата природа на водата.
– Водата не е само ресурс туку и вредност. Водата е сеќавање, движење и живот. Сепак, денес често ја занемаруваме во нашите политики, пазари и технологии. Да не заборавиме да ги почитуваме и негуваме ваквите суштински и клучни елементи како елементи – истакна Кин.
Токму со овој настан започна процесот на јавни консултации преку кои ќе се дефинираат идните чекори за креирање одржливи решенија за управување и заштита на водите од сливот на реката Вардар. Како што беше потенцирано на настанот, консултациите за најзначајниот воден ресурс во државава ќе траат шест месеци, ќе опфатат повеќе региони и ќе вклучат граѓани од сите категории. Тоа е клучна фаза во изработката на планот за управување со речниот слив на реката Вардар.
Министерот за животна средина, Муамет Хоџа, истакна дека процесот е отворен за сите засегнати страни, затоа што најдобрите решенија произлегуваат од заеднички дијалог.

– Ова што го започнуваме денес е порака дека управувањето со водите во нашата држава се гради со транспарентност, инклузија и со одговорност, бидејќи одржливите решенија се создаваат со учество на оние што најмногу зависат од нив – изјави Хоџа.
На настанот беше презентиран времениот извештај за значајните прашања поврзани со управувањето со водите од сливот на реката Вардар, кој ќе биде основа на процесот на јавни консултации. Времениот извештај ги анализира причините што влијаат на квалитетот и количината на водите, но, исто така, ги дефинира и главните цели и мерки за подобро управување со водите. Овој извештај и заклучоците од консултациите ќе се искористат за да се развие првиот шестгодишен план за управување со сливот на реката Вардар.
– Првпат институциите се вклучуваат во структуриран, национален дијалог за предизвиците поврзани со водата. Тоа претставува силен демократски чекор. Со повикување на граѓаните, институциите и на засегнатите страни да се вклучат, земјава ги поставува темелите за подготовка на првиот план за управување со речните сливови, усогласен со стандардите на ЕУ, и за спроведување на рамковната директива за води – рече Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија.
Се одржа и панел-дискусија за влијанието на достапноста и управувањето на водите врз родовата еднаквост, што е и глобална тема на годинашниот Светски ден на водите. Заклучокот од дебатата е дека жените се позагрозени во услови на нередовно снабдување со вода и дека е неопходно да бидат подеднакво вклучени во носењето одлуки за управување со водните ресурси и заштита од поплави.
Инаку, Програмата за води се фокусира на три главни цели: зајакнување на капацитетите на надлежните институции за интегрирано и одржливо управување со водните ресурси; развивање соодветна законска и регулаторна рамка за водите и подобро планирање и управување со сливот на Вардар.
Оваа програма е на Швајцарија, а се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
(С. Бл.)












