Во Театарот за деца и младинци во Скопје, на 7 мај, се одигра јубилејната 250. изведба на претставата „Лакомата меца“, куклена претстава за деца над четири години, во режија на Дарин Петков, а според текстот на познатиот бугарски автор, Ран Босилек.

Премиерно изведена на 11 февруари 2001 година, претставата „Лакомата меца“ повеќе од две децении ги задржува своите свежина и важност, едуцирајќи и забавувајќи генерации деца преку хумористичниот пристап кон темата за културата на јадење и правилното однесување на маса. Преку интеракција со публиката, малите гледачи се дел од приказната и добиваат можност да ѝ помогнат на симпатичната, но лакома Меца да ја научи својата лекција за умереноста и вниманието. Во претставата играат Ана Левајковиќ Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска и Владимир Лазовски, кој во 2001 година беше добитник на актерска награда на Меѓународниот куклен фестивал на мали форми во Крагуевац, Србија. Во улогите на Лазовски алтернативно настапува и Мартин Јорданоски.

Сценографијата е дело на Љубомир Чадиковски, куклите ги изработи Иван Цонев, музиката ја компонираше Љупчо Мирковски, а преводот е на Татјана Островска.

Јубилејната изведба им беше посветена на сите оние што веруваат во моќта на театарот да едуцира, да инспирира и да остава траен белег во детските срца.

ИЗДВОЕНИ