четврток, август 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дел од онколошката терапија пристигна, другиот за два дена

Дел од онколошката терапија пристигна, другиот за два дена

Хема –Онко: „Не бараме привилегии, туку лек на време“

0

Недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти е надминат, информираат од здружението „Хема-Онко“, откако дел од лековите пристигнале на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а останатите се очекува да бидат доставени во наредните два дена. Од здружението велат дека пациентите ќе бидат навремено информирани преку групата „Пеперутки“ за пристигнувањето на терапијата, за да се избегне непотребно доаѓање и чекање на високите температури.

Според Ана Марјановиќ од „Хема-Онко“, проблемот бил со терапија за пациенти со рак на дојка – фулвестрант, золадекс и рибоциклиб, како и со дел од цитостатиците од позитивната листа што ги примаат пациенти со рак на дојка и дебело црево.

„Не бараме привилегии, туку навремена и континуирана терапија. Пациентите не смеат да зависат од тоа дали лекот ќе пристигне или не“, порача Марјановиќ.

Таа нагласи дека во изминатите пет години, без разлика на тоа која политичка гарнитура е на власт, онколошките пациенти постојано се соочуваат со неизвесност околу достапноста на терапијата. „Тендерот помина во мај, добивме поголем буџет, но цело лето имаме прекини во набавките за Онкологија. Во овој момент набавката е завршена и дел од терапијата веќе пристигна“, рече Марјановиќ. Апелира да не се создава дополнителна паника кај пациентите, но предупреди дека здруженијата нема да молчат доколку повторно се појави недостиг на лекови. Според неа, проблемот со онкологијата не може да се решава само со краткорочни мерки, туку е потребна долгорочна стратегија за превенција, скрининг и достапност на современи терапии. „Ако немаме добра превенција и рано откривање на болестите, бројот на пациенти и трошоците за лекување постојано ќе растат“, посочи Марјановиќ.

Според неа  Македонија заостанува зад европските практики во борбата против ракот и дека е потребен национален план по примерот на европската иницијатива „Beating Cancer“. Од „Хема-Онко“ велат дека поддржуваат децентрализација на терапијата, односно дел од лекувањето да се спроведува и во други градови, но само доколку има соодветни услови, кадар и добра организација.

Во меѓувреме, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски одржа средба со претставници на „Хема-Онко“ и групата „Пеперутки“, на која се разговарало за актуелните проблеми и подобрување на здравствената грижа за онколошките пациенти. Андовски порача дека пациентите и нивните здруженија треба да бидат партнери во креирањето на подобар здравствен систем и дека преку дијалог ќе се бараат одржливи решенија.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ