среда, ноември 25, 2026
Дома СКОПСКА Дедомразовската трка и годинава ќе ѝ даде особен шмек на новогодишната атмосфера...

Дедомразовската трка и годинава ќе ѝ даде особен шмек на новогодишната атмосфера во Скопје

1

И оваа година во пресрет на Нова година, на скопските улици ќе се одржи највеселата и традиционална трка. Станува збор за дванаесеттата Дедомразовска трка, на која скопјани, облечени во костим на Дедо Мраз, трчајќи ја испраќаат старата година. Годинава таа ќе се одржи на 27 декември (недела), со старт и со цел на Градскиот плоштад, а ќе биде дополнета со празнична музика и со многу семејна забава.

Трката ќе почне во 12:30 часот, ќе се тргне по кејот на Вардар, од страната на ГТЦ, ќе се премине мостот „Слобода“ кај булеварот „Филип Втори“, па ќе се продолжи по спротивната страна на кејот, од МНР кон Камениот мост, ќе се премине Камениот мост и ќе се стигне на целта, повторно на плоштадот „Македонија“.

Трката е во организација на „Прв до врв“, од каде што ги повикуваат граѓаните да се приклучат.

– Трчајте или прошетајте околу два километри во центарот на Скопје, со семејството или со друштво. Дедомразовскиот костим е задолжителен за сите – наведуваат од „Прв до врв“.

Подготвени се и новогодишни пакетчиња за децата до 10 години, а ќе има медали и награди за најбрзите. Воедно, ќе има и новогодишна лотарија со повеќе награди за сите учесници, но и велосипед како главна награда. Пријавувањето може да се врши на prvdovrv.mk/dedomrazovska и трае до 24 декември.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ